Лекарката по општа медицина, д-р Сабин Донај, открива што подготвува кога ќе се разболи, за што побрзо да закрепне.
Со оглед на тоа што зимските вируси и таканаречениот „супер-грип“ брзо се шират за време на семејните собири, избегнувањето на болеста понекогаш изгледа речиси невозможно. Но, според д-р Сабин Донај, лекарка по општа медицина и експерт за долговечност, постојат едноставни, научно поткрепени чекори кои значително можат да ја намалат веројатноста за сериозно разболување.
Лекарите секојдневно им советуваат на пациентите како да се опорават – од внесување повеќе течности до задолжителен одмор – но што прават самите доктори кога ќе ги зафати настинка, грип или зимски стомачен вирус?
Што готви докторката кога ќе се разболи?
Додека здравствените власти апелираат сите со симптоми на грип, како температура, екстремен замор и болки во телото, да останат дома и да се одмораат, д-р Сабин открива на кои навики се потпира кога ќе почувствува дека „ја фаќа“ вирус.
„Кога сум болна, се фокусирам на хидратација и јадам едноставни, домашно подготвени јадења кои го поддржуваат имунолошкиот систем“, вели таа. „Штом јас или некој близок ќе почне да се чувствува лошо, веднаш ја готвам пилешката супа на мајка ми – и тоа не само од сентиментални причини.“
Истражувањата укажуваат дека придобивките од оваа супа најверојатно произлегуваат од комбинација на хидратација, топлина, нутритивна вредност и благо антиинфламаторно дејство.
Иако пилешката супа често се отфрла како „бабин лек“, научните докази покажуваат дека таа навистина може да има реални здравствени придобивки. Еден понов научен преглед утврдил дека супите на база на пилешко, подготвени со зеленчук и зачини, доведуваат до умерено подобрување на симптомите кај акутни инфекции на дишните патишта, вклучувајќи и настинки.
Обезбедува течности и електролити
Д-р Сабин Донај објаснува дека топлиот бујон обезбедува течности и електролити во моменти кога апетитот често е намален, со што помага да се спречи дехидратација. Топлината, исто така, може да го олесни затнатиот нос и да го смири воспаленото грло.
Таа претпочита да користи органски состојки кога е болна, наведувајќи дека тоа помага да се намали изложеноста на пестициди и загадувачи во период кога одбранбениот систем на телото е веќе под притисок.
„Многу внимавам на токсичноста, бидејќи таа не е добра за воспалителните процеси“, вели таа. „Затоа најчесто се одлучувам за органски производи, особено кога сум болна.“
Органското пилешко обезбедува лесно сварливи протеини и аминокиселини како цистеин, додека традиционално подготвениот бујон – со коски, ’рскавица и сврзно ткиво – содржи желатин, глицин и пролин.
Иако поголемиот дел од доказите се базираат на биохемија, а не на големи клинички испитувања, познато е дека цистеинот ги поддржува детоксикациските процеси во црниот дроб и има улога во разградувањето на ацеталдехидот – соединение поврзано со главоболка и мачнина.
Д-р Донај забележува дека цистеинот е хемиски сличен на ацетилцистеин – соединение кое медицински се користи за разредување на слузта и поддршка на имунолошката функција. Глицинот, пак, има познато антиинфламаторно дејство и се смета дека го смирува одговорот „бори се или бегај“, кој често е засилен за време на инфекција.
„Ова може да објасни зошто пилешкиот бујон делува толку утешно кога сте болни“, вели таа. „Тој не само што го намалува стресниот одговор, туку и го поддржува квалитетниот сон – а сонот е клучен дел од имунолошкото закрепнување.“
Што содржи нејзината супа?
Нејзиниот рецепт обично вклучува морков, кромид, лук и целер – состојки кои можат да помогнат во намалување на воспалителното оптоварување. Морковот е богат со бета-каротен, растително соединение за кое британските Национални институти за здравје наведуваат дека ја поддржува имунолошката функција и помага во борбата против оксидативниот стрес.
Лукот, исто така, е познат по својата улога во зајакнување на имунитетот, а студиите покажуваат дека има дејство против бактерии, вируси, габи и паразити.
Но, покрај поединечните хранливи материи, д-р Сабин Донај нагласува и една поширока предност.
„Супата е нежна за цревата и метаболички бара минимален напор“, објаснува таа. „Тоа му овозможува на телото да ја насочи енергијата кон имунолошката одбрана и закрепнувањето, наместо кон варењето – што ви помага побрзо да оздравите.“
Таа додава дека сонот е подеднакво важен, бидејќи му овозможува на телото да се регенерира и да ги зајакне имунолошките одговори за време на инфекција.
