Пренесуваме ФБ статус од Никола Груевски.
Денес е 13. Ноември, денот кој се смета за ден на ослободување на Скопје од фашистите во 1944 година. Нека е честит и вечно да се слави!




Денес се потсетуваме дека операцијата за ослободување на Скопје започнала одкако се ослободиле неколку други градови како Штип и Велес на пример и од повеќе страни партизанските единици се упатиле кон Скопје за да пристапат од неколку страни на градот. р
Операцијата започнала на 11. Ноември а завршила на 14. Ноември утрото кога сеуште во улични битки се чистел градот од остатоците на непријателските сили. Ослободувањето на Скопје била тешка воена операција бидејќи како што наведува генералот на партизанските единици во Македонија Михајло Апостолски “Скопје го бранеа главно 22-та германска пешадиска дивизија со 47-от и 65-от полк и некои делови на 11-та воздухопловна полска дивизија. Меѓу нив беа вмешани и помали делови и борци од разни други единици на Леровата армиска група „Е“.




Пред Качаничката Клисура беше тврдинската бригада „Ангермилер“ (Angermüller). Во борбите зедоа учество: германска пешадија, артилерија, инженерија и нешто тенкови. Авијацијата не учествуваше. Германските сили Скопје изнесуваа вкупно околу една дивизија”. Проблемот бил уште поголем што балистите кои биле сојузници на фашистите сакале да ја минираат Матка и да го поплават градот.




Познато е дека претходно на 6 Септември бугарскиот окупатор почнува да ја напушта Македонија. На 6 септември 1944 година во штабот на Петтата бугарска армија била примена наредба сите делови да се соберат на 9 септември во Прилеп и да се движат источно од реката Вардар. Во меѓувреме, командантот генерал Александар Попдимитров склучил договор, на 7 септември 1944 година со германскиот штаб во Скопје, за „симболична војна“ на двете земји во Македонија. Ова негово дејствување ги деморализирало бугарските војници и одиграло фатална улога. Така започнало повлекувањето на Петтата бугарска армија од Македонија, што било дезорганизирано и хаотично и многу војници биле уапсени од Германците. Само 17-та пешадиска дивизија, која се наоѓала најблиску до бугарска граница успеала целосно да се повлече, а 15-та дивизија единствено се спротивставила и водела борби со Германците во Битола и Прилеп, а потоа се повлекла во мали групи кон Бугарија.




Македонците и нивните сојузници, југословенските партизани, без оглед на новата состојба во Софија, кон бугарската држава се однесувале како кон непријателска сила, имајќи го на ум фактот дека Бугарите биле сојузници на фашистите.
Во текот на ноќта на 8 спрема 9 септември во услови кога започнала советска окупација, левите офицери ги презеле клучните пунктови во Софија, каде доаѓа до политички преврт. Така во пракса, воените дејствија против Германците почнуваат по доаѓањето на власт на владата на Татковинскиот фронт на 9 септември. Тој бил предводен од Кимон Георгиев од политичкиот круг „Звено“ кој веднаш потпишал примирје со Советскиот Сојуз. Во таква ситуација како најголем стабилен партнер на новата влада се јавил т.н. „Национален комитет за ослободување на Југославија“.
Како резултат на тоа, на 5 октомври 1944 година во Крајова, Романија се склучил договор за воена соработка меѓу Бугарија и претставници на отпорот од окупирана Југославија. Во меѓувреме, Бугарија се повлекла и од централните делови на Егејска Македонија кон крајот на август.




Бугарската војска под нова власт и команда подоцна се навраќа во Македонија во својство на сојузник со цел да помогне во ослободувањето, чекор кој уште тогаш се третирал како чекор со позадина во дејствувањето.
Генералот Михајло Апостолски е командант на партизанските сили во Македонија во тоа време и бидејки речиси 70 години никој се не беше сетил да му оддаде признание со поставување на негов споменик во главниот град на државата која под негова Виена плаќа е ослободена од фашистите, тоа го направивме во нашиот мандат некаде околу 2012-2103 година.




Споменикот на генерал Михајло Апостолски на коњ е поставен на многу маркантно место, кај хотелот Континентал во Скопје и секојдневно стотици илјади возила кој поминуваат покрај споменикот од различни страни го имаат на видик што треба да е вечно сеќавање на главниот командант на НОВ во НОБ за Македонија.




Михајло Апостолски по функција имал најдобар увид што се случувало на теренот во тие критични денови и часови од 11.до 14. Ноември 1944 година. Тој има напишано свои мемоари во неколку томови во кои покрај другото детално го опишува ослободувањето на Скопје од воен аспект и од аспект кој единици од кој дел на Скопје пристапиле и со кои единици на окупаторот се судриле.




Меѓутоа има и еден дел кој целосно е посветен на побивање на тезата дека бугарската војска учествувала во ослободувањето на Скопје, на чело со полковникот Попов. Се сеќавам по снимањето на филмот “Ослободувањето на Скопје” во режија на Раде Шербеџија а кој го финаираше владата која ја предводев, имаше реакции од политичарите од Бугарија кои тврдеа дека Бугарија го ослободила Скопје или дека во најмала рака учествувала во ослободувањето. Но дали е тоа така?
Генералот на македонските партизани Михајло Апостолски на пример во истото дело не крие и отворено пишува дека 1-вата бугарска армија заедно со кумановската НО дивизија го завзеле Куманово, што укажува дека тој немал предрасуди да потврди дека некаде бугарската армија помогнала, но исто така немал воопшто задршка кога требало да ги побие обидите за фалсификување на историјата во делот на одлободувањето на Скопје.




Фактот што уште во тие години се чуствувала потреба да се демаскираат невистините, укажува дека обидот за фалсификување на историјата од поединци од нашиот источен сосед воопшто не е нова тема, само сега ескалира.
