Во следниве денови околу 100 илјади ученици ќе ја добијат финансиската помош од деветтиот пакет антикризни мерки. Исплата се одвива етапно и е веќе започната, како МОН добива податоци така се подготвуваат исплатите.

Во наредните 6 месеци 35.000 средношколци, месечно ќе добиваат по 1.800 денари, односно вкупно 10.800 денари до завршување на училишната година. А 70.000 ученици од основно училиште до јуни ќе добиваат по 1.200 денари месечно.

Само оние ученици, чии родители вкупно имаат месечни примања до 50.000 денари, се опфатени со новиот пакет. Сојузот на средношколци смета дека финансиска поддршка треба да има и за другите ученици, но позитивно ја оценуваат оваа мерка.

– Сумите се добри, се дадени на голем број средношколци, голем број од средношколците имаат аплицирано. Супер би било ако би се дало и до учениците кои биле редовни, биле активни, имаат добри оценки и на нив е добро да им припаѓа една сума од пари, која ќе им дава мотивација за тоа што работеле до сега – вели претседателот на Сојузот на средношколци, Берин Мухамед.

Во меѓувреме МОН објави и нов втор повик за аплицирање, а оние што веќе се пријавиле во декември, не треба повторно да конкурираат.

Финансиска поддршка преку новиот пакет во декември веќе добија корисници на посебен додаток, лица со попреченост, самохрани родители, и пензионерите. А следната исплата, втора по ред исплата, за овие категории на граѓани е најавена кон крајот на месецов.