Во Јегинов Луг, недалеку од Калесија во Босна, живее 15-годишниот Амел, момче на кое животот уште од раѓање не му бил милостив. Живее со таткото во тешки услови. Мајка му одамна го напуштила – толку одамна што веќе ни не сака да ја запознае.

„Кога не беше покрај мене овие 15 години, не ми треба ни сега,“ вели тој.

Детство исполнето со работа и мака

Амел секое утро пешачи километри до училиште, а пред училиште има уште еден „прв работен ден“ – штала, овци и носење вода. Една од најголемите желби му е да има вода во куќата – бања и тоалет, за да може да се избања како сите други деца.

Татко му има 46 години и оди да работи кога ќе се најде дневница.

„Во училиштето една жена ми плати ужина за цела година. Понекогаш готвачот ќе ми даде сок, понекогаш не – затоа што не е платено,“ вели Амел.

Пријатели и живот без основни услови

„Другари имам, но повеќето ме избегнуваат. Немам каде да се избањам, немам услови, па сите бегаат од мене,“ раскажува основецот чиј живот и судбина од најрана возраст му биле полни со предизвици.

Се капе кај комшија кој понекогаш му го пере и алиштето. Лети загрева вода и се бања надвор.

Токму утрото кога екипата дошла да го сними – една од шесте овци се ојагнила. За сите нив тој секој ден носи вода во канти, пеш, и се грижи покрај школските обврски.

Додека неговите врсници играат игри и гледаат филмови, Амел работи најтешки физички работи.

Сонува за занает и подобар живот

„Планирам да се запишам во средно. Би сакал да бидам варивач или автомеханичар. Струја немавме дома, а сега имаме – само уште вода ни фали,“ раскажува момчето.

Зимно време му е тешко и за перење и за бањање, дрва им донирал Центарот за социјална работа. Летно време пере на раце.

Тажната приказна со мајката

Мајката го оставила кога имал само еден месец. Таткото не можел сам да се грижи за него, па Амел бил испратен во дом. Таму поминал 14 години, а со 15 се вратил да живее со таткото.

„Мајка не сум видел 15 години. Не сака ни да чуе за мене. Татко не сака да зборува за неа – знам само дека е во Сребреник. Немам желба да ја запознам,“ вели тој.

Желбата на момчето

„Сакам да ја завршам школата, иако татко рече дека би купил уште овци, а јас да ги чувам. Не сакам да се откажам од учењето. Кога нема училиште, саботи и недели одам да работам за дневница – да купиме што ни треба за да преживееме. Знам и по нешто да зготвам, татко ме научи,“ вели Амел.

Комшиите велат дека е дете за пример – воспитан, работлив и секогаш подготвен да помогне. Тие ги повикале камерите да се дознае неговата приказна, надевајќи се дека ќе се најдат добри луѓе кои би му помогнале.