Еден триесет и четиригодишен маж од Велика Британија останал запрепастен од фактот дека неговите родители ја трошат својата заштеда на луксузни патувања, наместо таа заштеда да му ја остават нему.
Одлуката парите што ги стекнале со години работа и штедење да ги трошат на патувања, ним им изгледала сосема природна, но нему воопшто не му се допаднала. Смета дека кога нив веќе нема да ги има, најразумно би било да му помогнат нему за понатамошниот живот.
Секое нивно резервирање хотели и авионски карти уште повеќе го нервирало, поради што почнал да чувствува грижа на совест. Затоа решил да ја сподели својата приказна за „Дејли мејл“ и да слушне дали и други имаат слични искуства.
Патувања во Њујорк, Костарика и Тајланд
„Резервиравме вила со базен“, ми вели мајка ми, прелистувајќи фотографии од прекрасна стара италијанска куќа на село со поглед на маслинови насади.
„Само за вас двајца?“, прашувам. „Или некои пријатели ви се придружуваат за да ги поделите трошоците?“
И со секое нивно патување во Прованса, со секој луксузен излет во Тајланд, Њујорк или Костарика, морам да признаам дека станувам сè поогорчен.
Не е пријатно да се признае, но фактот е дека нивните патувања од соништата „го трошат моето наследство“.
„Како сиромашен триесет и четиригодишник, на неверојатно скап пазар на недвижности, сметам дека во одреден момент ќе морам да се потпрам на нивната помош. Но сè што гледам е дека моите пари се трошат на долги патувања на Бали.“
Со оглед дека и многу од моите пријатели се во слична ситуација и дека животните трошоци се високи, прашањето што нè мачи поради генерацискиот јаз е следново: Кој е себичен? Ние, затоа што сакаме тие да заштедат пари за ние еден ден да ги добиеме? Или тие, што слободно си ги трошат на себе?
Прво си реков — нека, нека си поминат неколку убави одмори во доцните шеесетти, пред да станат вистински пензионери дома. Но проблемот е што патувањата не застанаа на едно или две. Не застанаа ни на три или четири.
Пет години подоцна, мојот телефон е преплавен со фотографии од рибарски чамци од Тајланд. Таму се преселила другарка на мајка ми пред неколку години, па таа помислила: „Зошто да не ја посетам?“
Со 34 години сè уште изнајмувам стан и живеам скромно. Дали е ужасно што на парите што тие ги трошат на патувања гледам како на мои? – ја завршил својата исповед анонимниот маж за споменатиот британски весник.
Двајца од пет деца негодуваат што родителите го трошат наследството
Според едно истражување спроведено од компанија за управување со богатство по име Moneyfarm, двајца од петмина возрасни деца чувствуваат дека „крвта им врие“ од самата помисла дека нивните родители ја трошат својата заштеда на луксузни патувања.
Кај возрасните луѓе на возраст меѓу 35 и 50 години, 40 проценти сметаат дека родителите треба да им го остават наследството (во споредба со 25 проценти од оние постари од 65 години) — а 20 проценти веќе се расправале со нив околу тоа што, кому и колку ќе остане.
