Има многу приказни, неверојатно многу таленти, и дефинитивно е една од најинспиративните личности кои сме ги виделе во последно време.

Добрила Ивановска Чабриќ е доајенка на Македонскиот народен театар и естраден уметник. Родена е на 1 февруари 1928 година во Бариќ кај Голубац во близина на Пожаревац, Р. Србија.

Во МНТ се вработила во 1946 година и играла во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“. Во МНТ за единаесет години активна актерска кариера остварила 29 улоги.

Била омажена со Миленко Чабриќ со кого го има еден син, кој за жал повеќе не е меѓу живите. 92-гдишната Добрила Ивановска Чабриќ јавноста ја засака преку нејзиното учество во регионалното музичко шоу „Никогаш не е доцна“. Добрила со својот глас, оптимистичен поглед на живот, виталност и енергичност ја освои публиката и после првото нејзино појавување медиумите почнаа да ја бараат за интервју.

Несекојдневно е човек на нејзина возраст да биде толку витален и со толкава желба за живот. Во текот на целото шоу таа беше една од главните фаворитки. Стручното жири го прогласи Ромео Николиќ за победник, Неврес Хаџиќ беше прогласен од страна на публиката, додека 90-годишната Македонка Добрила беше прогласена за победничка според гласовите од Фејсбук.

По победата нејзините телефони не престануваат да ѕвонат и луѓето со нетрпение чекаат да дознаат нешто повеќе за неа. Освен за музиката, Добрила има таленти за уште многу други работи, за кои малкумина знаеле. Таа во интервју за емисијата „Магазин“ на Сител телевизија зборуваше за својот живот, како започнала да се занимава со музика, низ што сѐ поминала.

Нејзината приказна треба да биде поттик и мотив за сите дами на светот да најдат начин самостојно да се борат и да успеат. Таа раскажа и една случка која ѝ се случила додека се враќала од Србија. Додека била во центарот на Белград и било 16 часот ѝ било јавено дека до 20 часот мора да биде во Македонија, бидејќи ќе се затворат границите.

„Јас набивам 130-140, и кај Лесковац, една кола беше пред мене, а беше веќе пред стемнување, и нагло застана, и јас за да не го удрам, нагло на лево, бам во банкина, одзади ми ја удри колата тој, па на десно, па на лево, и отидов во трева. Застанав, и почнав да се тресам. Значи, толква рефлекс и таа брзина, да не го удрам човекот. Кога гледам доаѓа и ми вели: Абе, сестро, дали си заспала ти?“ Абе, како заспала, ти застана. Абе, на мене ми се дупна гумата- вeли тој. Јас се тресев. И, си тргнав полека, и оттогаш јас повеќе од 80-90 не возам.Посигурно и поспокојно, не брзам никаде и така насекаде стасувам.“, раскажува Добрила. Таа зборуваше за нејзиниот Дојран и што најмногу сака кај својот град.

„Најмногу во Дојран ми се допаѓа воздухот, климата, луѓето…Дојран е чудо од езеро. Самата вода е полна со јод и едвај чекам да се пружам во водата, да медитирам. Имаме прекрасна вода, прекрасни луѓе“, ракжа Добрила.
Таа вели дека поради пандемијата дружбите се проретчиле, но дека сепак има пријатели од многу градови кои доаѓаат кај неа во посета. „Сега со коронава престана дружењето, но ми доаѓаат од Скопје пријатели. Имам постојано гости на викенд и не ми е досадно.

Секој кој дошол еднаш кај мене вели дека ќе дојде пак. Има некоја енергија во Дојран која ги влече сите да се вратат“, вели пејачката.

Благодарна е и на Општината која секогаш ја поддржува и ѝ помага. Добрила пишува и автобиографија која се очекува да излезе во месец април годинава. Нејзините фанои едвај чекаат нешто ново од неа, па со сигурност тоа ќе биде една од најпродаваните книги оваа година.

Малкумина знаат дека освен што одлично пее, Добрила е и актерка. Со актерството почнала да се занимава кога имала 17 години.

„Мојот татко беше учител и доби служба во скопје. Брзи курсеви, брзи кадрови, ме запишаа да бидам професор за музика. Таму почувствуваа дека имам други таленти, сакаа да бидам оперски пејач. После дипломата ми рекоа дека ќе дојдам во опера.

Но, кога поминував покрај театарот видов оглас за актери. На аудицијата имаше големи ѕвезди. Кога дојде ред на мене, им реков дека поминав и влегов иако не сум подготвена. Ми рекоа да прочитам рецитација и ме примија. Ми рекоа „од први си наш член“ и така станав глумица“, рече Добрила која пред неколку години имала и монодрама која без никакви тешкотии ја издржала.

„Помина прекрасно. Во Битола добив награда на меѓународниот фестивал од 14 земји и бев многу горда на тоа. Сцнеата прави да се чувствувам како риба во вода.. Од книгата што ја пишувам сакаат да направат монодрама којашто јас ќе ја играм. Едвај чекам тоа да се реализира. Но, оваа корона не спречува“, раскажа Добрила.

Таа додаде дека милува да слуша секаква музика, од опера до народна. За неа убавата музика нема граници.

Добрила како и сега така и во младоста изгледала неверојатно. Нејзиниот пријател откри дека дури и Тито бил вљубен во неа. Таа вели дека и на овие години сѐ уште има додворувачи и многу понуди за брак. Велат човек вреди онолку колку што знае јазици. Нашата Добрила зборува многу јазици.

Зборува француски и германски јазик, италијанскиот го научила поради улога во италијански филм.
„Руски знаев од свекрва ми, таа беше Русинка и бевме 5 години во Русија. Толку добро знаев, што не се препознаваше дека не сум Русинка.

Во Америка научив англиски“, вели таа. Но, тука не запираат нејзините таленти. Добрила се снаоѓа одлично во секој вид уметност Има талент и за дизајнирање облека. „Многу бев немирна како мала и мајка ми ми даваше да плетам и шијам за да не ѝ додевам. Така научив. Земав часови во Белград, направив подоцна ревија. Сѐ што правам, правам со љубов и со страст и затоа ми е убав животот.

Одам на тоа да живеам многу долго до 130 години и сакам да бидам пример како да се живее позитивно и весело. И од најголема трагедија знам да направам комедија. Ги превртувам работите за биде убаво“, заврши мултиталентираната Добрила, чиј пример дефинитивно сите треба да го следиме.