„Самото преживување додека не умрете е тешка работа“ – рекол Буковски, објаснувајќи го така целиот свој живот.

Писателот Чарлс Буковски е роден како Хенри Чарлс Буковски Помладиот во Германија, а со семејството набргу се преселил во Америка, поточно во Лос Анџелес. Растел во времето на економската депресија која ја зафатила Америка меѓу двете светски војни, во период на голема сиромаштија.

Неговиот строг и доминантен татко често останувал без работа, а незадоволството и фрустрацијата најчесто ги истуравал врз својот син, редовно малтретирајќи го. Буковски подоцна за тоа ќе пишува во својот роман „Блудниот син“.

Акните во адолесценцијата, кои му оставиле лузни на лицето, дополнително придонеле да се чувствува како губитник и различен од другите. Обидувајќи се да избега од трауматичната реалност, Буковски рано се свртел кон алкохолот, но и кон книгите. Како средношколец многу читал, а особено ги сакал делата на Ернест Хемингвеј, Синклер Луис, Карсон Мекалерс и Д. Х. Лоренс.

По завршувањето на средното училиште се запишал на Градскиот колеџ во Лос Анџелес, каде што посетувал курсеви по новинарство и книжевност, со желба да стане писател.

„Кога пиете, светот сè уште постои, но за момент не ве држи за врат“, рекол тој.

Во 1941 година го напуштил колеџот и домот по една расправија со татко му. Откако татко му прочитал некои од неговите приказни, му ги исфрлил работите од куќата.

Не сакајќи да се приклучи во американската војска, Буковски во воените години живеел речиси како бездомник и скитник, патувајќи низ Америка и повремено работејќи разни слабо платени работи за да преживее.

Во 1944 година едно списание ја објавило неговата приказна „Aftermath of a Lengthy Rejection Slip“. Буковски заминал во Њујорк со надеж дека ќе може да се издржува исклучиво од пишување, но останал речиси незабележан. Разочаран, набргу се вратил во Лос Анџелес.

Во 1947 година ја запознал Џенет Конели Бејкер, десет години постара од него, која исто така имала проблем со алкохолот. Таа станала негова љубовница и, со кратки прекини, останале заедно речиси цела деценија.

Во тој период Буковски речиси целосно се откажал од пишувањето. Преживувал со слабо платени работи и сè повеќе тонел во алкохолизам.

Во 1952 година привремено се вработил во пошта, каде што останал три години. Во 1955 година бил хоспитализиран поради сериозно внатрешно крварење во желудникот предизвикано од долгогодишното прекумерно пиење.

Ја прекинал врската со Џенет, која неколку години подоцна починала од прекумерно консумирање алкохол. Буковски дал отказ од поштата и повторно почнал да пишува поезија.

Подоцна се оженил со Барбара Фреј, богата сопственичка на литературното списание „Арлекин“. Бракот траел само две години. По разводот во 1958 година повторно се вработил како поштенски службеник. Дванаесетте години поминати на оваа работа подоцна ќе ги опише во својот прв роман „Пошта“.

Во шеесеттите години неговата писателска кариера конечно почнала да се развива. Редовно објавувал поезија во мали, независни и андерграунд списанија.

Во 1959 година ја објавил првата збирка поезија „Flower, Fist and Bastial Wail“, книга од само триесетина страници, отпечатена во 200 примероци.

Во 1963 година добил награда „Outsider of the Year“, а почнале да се појавуваат и негови први интервјуа во литературни списанија.

Ја запознал Френсис Смит, со која поминал неколку години и ја добил својата ќерка Марина.

Во 1966 година ја објавил својата прва збирка раскази „All Assholes in the World and Mine“. Потоа следувале уште неколку познати збирки поезија.

Пишувал колумни под наслов „Белешки на еден валкан старец“, кои подоцна биле објавени и како книга. Станувал сè попознат во неформалните литературни кругови и почнал да настапува на јавни читања на поезија.

Во 1970 година Буковски дефинитивно ја напуштил работата во пошта. Сопственикот на издавачката куќа „Black Sparrow Press“, Џон Мартин, му понудил месечна стипендија од 100 долари за целосно да се посвети на пишувањето.

Истата година ја запознал Линда Кинг, поетеса и скулпторка, со која имал бурна врска. Во тој период го напишал својот прв роман „Пошта“.

Во текот на седумдесеттите ги напишал некои од своите најпознати дела и стекнал голема популарност. Сепак, и понатаму важел за андерграунд писател, бидејќи неговите книги најчесто ги објавувале мали, независни издавачки куќи.

Поради својот суров и понекогаш вулгарен стил, како и бунтовничкиот однос кон општеството и институциите, долго време бил игнориран од официјалните литературни и академски кругови.

На пошироката јавност ѝ станал познат во 1973 година по прикажувањето на документарниот филм „Bukowski“на режисерот Тејлор Хекфорд.

Во 1976 година ја запознал Линда Ли Бејли, сопственичка на ресторан за здрава храна, 25 години помлада од него. Тие се венчале во 1985 година и неговиот живот тогаш добил помирен тек.

Остатокот од животот го поминал во предградието Сан Педро, во убаво уредена куќа со базен. Возел црн BMW, ги открил предностите на компјутерите, уживал во класична музика во друштво на своите мачки и, се разбира, продолжил да пишува.

Се дружел со актерот Шон Пен, а групата U2 му посветила песна на свој концерт во Лос Анџелес.

Во 1981 година бил снимен италијанскиот филм „Приказни за обичното лудило“, со Бен Газара и Орнела Мути, според истоимената збирка раскази на Буковски.

Буковски го напишал и сценариото за филмот „Barfly“, снимен во 1987 година со Мики Рурк и Феј Данавеј во главните улоги.

Во 1992 година била објавена неговата последна книга за време на неговиот живот – збирката поезија „The Last Night of the Earth Poems“.

Чарлс Буковски починал на 9 март 1994 година од леукемија. Бил погребан во меморијалниот парк „Green Hills“, во близина на неговиот дом во Сан Педро.

На неговиот надгробен споменик пишува:

„НЕ СЕ ОБИДУВАЈ.“

Многумина ова го толкуваат како порака од писателот дека нема смисла да се обидуваме да го контролираме животот, туку дека треба да го живееме таков каков што е.

10 совети од Буковски за животот

1. „Премногу често сме оптоварени со тоа што треба да правиме со животот или што ќе одобри нашето семејство. Заборавете што мислат другите. Пронајдете го она што го сакате и правете го до смрт.“

2. „Не бидете премногу строги кон себе. Од животот го добивате она што му го давате, а понекогаш сè што е потребно е подобра перспектива.“

3. „Не заборавајте барем еднаш да полудите. Животот е премногу краток за да останеме нормални и цели. Пуштете ја косата и дозволете си да полудите.“

4. „Бидете слободни.“

5. „Никој не се грижи за вашиот сон да ги решите сите проблеми на светот. Дали сте нахраниле барем еден гладен човек во вашата близина?“

6. „Не можам да ви опишам колку пати сум се чувствувал како да нема да преживеам – и сепак преживеав.“

7. „Никогаш не е доцна да ја спасите својата душа.“

8. „Единственото што е важно е колку добро чекорите низ огнот.“

9. „Запомнете… сите ќе умреме.“

10. „Ние сме на Земјата за да им се смееме на шансите и да живееме така што смртта ќе се плаши да нè земе.“