Сосема е нормално месото да поскапува во пресрет на Божиќ, но граѓаните не се сеќаваат на ова високо поскапување. Килограм печено свинско месо сега чини од 1.200 до дури 2.250 денари, додека јагнешкото на некои места надмина 1.500 денари.
За многу граѓани не може да се замисли трпезата без печење, која годинава на места е двојно поскапа од лани. И не поскапе само печењето, туку и прасињата, кои неделата пред Божиќ се продаваа и до 130 денари, додека цената е пониска само за оние кои тежат над 20 килограми.
Во пекарите посочуваат дека е задолжителна резервација, неколку дена однапред, бидејќи околу празниците има огромни гужви.
„Цените се високи бидејќи нема доволно прасиња. Цената на сервисното печење е диктирана од тежината и се движи од 1.000 до 1.500 денари“, вели една пекара.
Поради високите цени во пекарниците, многумина избираат поефтина опција, а тоа е да купуваат месо од маркети или месарници и да го подготвуваат дома. Цената на свинското месо на пазарите се движи од 350 до 400 денари за килограм.
Љубителите на говедско месо на маркетите можат да купат говедско месо без коски од 550 денари.
Цената на јагнешкото во синџирните маркети се движи од 600 до 700 денари.
