Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека проблемот со масовните „петки“ кај учениците најчесто произлегува од притисокот на родителите врз наставниците.

„Родителите кои инсистираат нивните деца да добиваат високи оценки без соодветно знаење им прават штета – прво на своите деца, а потоа и на целото општество,“ рече Јаневска. Таа истакна дека ова е масовна појава која Министерството се обидува да ја намали преку Е-дневникот и други програми насочени кон предрасуди и стереотипи во образованието.

Јаневска потенцираше дека пониската оценка не е казна, туку мотив за напредок и стекнување реални компетенции.

Во врска со приемните испити на факултетите, министерката нагласи дека тие не се забранети и факултетите можат сами да одлучат дали ќе ги воведат. Сепак, според актуелниот систем и праксата во ЕУ, матурaта е доволно селекциско ниво, а двојна елиминација би била неправедна.

Таа објасни дека матурата е изменета според барањата на учениците и наставниците – државната стручна матура е одвоена од гимназиската, но двете обезбедуваат пристап до високото образование, а материјалот е прилагоден на наставните планови на учениците.

Јаневска учествуваше на петтиот панел во Струмица во рамки на националната кампања „Магијата е знаењето“.