Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, смета дека цементарницата „Усје“ не е единствениот индустриски објект што придонесува за аерозагадувањето во главниот град и дека е неопходна поширока стратегија за дислокација на тешката индустрија надвор од Скопската Котлина.
Тој ги поддржа заклучоците усвоени од Советот на Град Скопје за справување со загадувањето и најави средби со премиерот и со заменик-министерката за животна средина, со цел да се најде системско решение за долгогодишниот проблем.
Според Ѓорѓиевски, покрај „Усје“, како потенцијални загадувачи се посочуваат и погоните во Железара, фабриките за кабли, како и одредени депонии и отпади лоцирани во или во близина на централното градско подрачје.
„За жал, повеќе од 30 години сите го констатирале проблемот, но никој не го решил. Цементарницата не е единствениот потенцијален загадувач. Имаме и други погони и фабрики кои, според мене, треба да бидат дислоцирани од централното градско подрачје. Тоа значи дека системот што требало да се изгради – не е изграден. Станува збор за лоши проценки од минатото. Три децении, освен констатации, немаме помрднување од мртва точка“, изјави Ѓорѓиевски во гостување во централниот дневник на ТВ Сител.
Тој информираше дека инспекциските служби веќе се активни на терен, иако тоа, како што рече, се прави без медиумска помпа. Досега биле изречени неколку казни во вкупна вредност од 53 илјади евра за индустриски капацитети со Б-интегрирана еколошка дозвола.
Ѓорѓиевски најави и проширување на топловодната мрежа со цел сите објекти во центарот на градот што сè уште не се приклучени да добијат пристап до парно греење. Паралелно, како што рече, интензивно се работи и на процесот на гасификација.
Дополнително, Советот на Град Скопје вчера усвои мерка за финансиска поддршка на граѓаните за поставување филтри на оџаците, со цел да се намали индивидуалното загадување од домаќинствата.
На иницијатива на советниците од „Зелен хуман град“ (ЗХГ), Советот едногласно донесе заклучок за отпочнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и сите големи индустриски загадувачи надвор од Скопската Котлина.
Седницата на Советот, која траеше повеќе од 10 часа, се одржа додека истовремено граѓани протестираа против работата на „Усје“ и бараа нејзино изместување од градското подрачје.
Во врска со одлуката на Советот, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека за Владата дислокацијата не е проблем, но дека најпрво ќе ги разгледаат заклучоците и ќе постапат согласно законските ингеренции.
