Може ли да ги вратиме македонските работници дома? И додека власта смислува мерки и начини како да ги врати работниците што заминале од државата, експертите сметаат дека во вакви услови и со вакви плати, тоа е речиси невозможно. Според нив, тие може да се вратат единствено како инвеститори, но не и да работат за плата од 400 евра кога во земјите во кои се иселиле земаат многу повисоки плати. – Никој не се враќа од подобро на полошо, односно од коњ на магаре, како што вели поговорката – појаснува во изјава за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија.

Може ли да ги вратиме македонските работници дома? И додека власта смислува мерки и начини како да ги врати работниците што заминале од државата, експертите сметаат дека во вакви услови и со вакви плати, тоа е речиси невозможно. Според нив, тие може да се вратат единствено како инвеститори, но не и да работат за плата од 400 евра кога во земјите во кои се иселиле земаат многу повисоки плати. Покрај платите, и други фактори како високата корупција, криминалот, загаденоста… придонесуваат нашите работници да не се вратат во Македонија. Освен тоа, голем дел од работниците ги повлекоа и своите фамилии во земјите во кои работат, така што враќањето назад ќе биде многу потешко.

– Македонските работници може да се вратат назад само како инвеститори, да отворат сопствен бизнис и да ги вложат заработените пари, но не и да работат за плата од 400 евра. За да се случи тоа, мора да се подобрат условите за стопанисување во државата, да се реформира јавната администрација, која е целосно партизирана, да се подобрат образованието, здравството, инфраструктурата… Нашите работници што подолго време работат во западните земји, се навикнати на тој начин на живот. Имаат многу погодности од кои не би се откажале така лесно, што беше една од причините поради кои се иселија од државата. Платите не се единствената причина за да се вратат, има тука и многу други фактори – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија.

Тој додава дека никој не се враќа од подобро на полошо, односно од коњ на магаре, како што вели поговорката. Ние едуцираме кадри за да работат во другите држави, односно им праќаме обучен кадар, а ние потоа сме принудени да увезуваме неквалификуван кадар од земјите од Истокот.

– Македонските работници се иселија заедно со своите фамилии надвор од Македонија и процентот што може да се врати назад е на ниво на статистичка грешка. Веќе платите не се пресуден фактор за останување во Македонија, туку целокупната ситуација. Високата корупција, криминалот, загаденоста, пропастот на секое поле и последниот дебакл со менување на личните документи само ќе го зголемуваат трендот на иселување на работоспособното население. Носењето работници од Азија, Турција, Пакистан, само ги покажува глупоста и неспособноста за креирање каква било стратегија. Овие потези на долгорочен план ќе имаат фатални последици во менувањето на сликата и демографијата во Македонија – изјави за весникот ВЕЧЕР Синиша Пекевски, економски аналитичар.

Според градежниот експерт Никола Велковски, праксата покажува дека штом еднаш ќе излезе од Македонија, квалификуваната работна сила веќе не се враќа назад.

– Процесот на имиграција на работната сила веќе е започнат, а праксата покажа дека штом еднаш ќе излезе од Македонија, квалификуваната работна сила веќе не се враќа назад. Со „Отворен Балкан“, многу работници ќе заминат во Србија, каде што платите се повисоки од нашите за 30 до 40 отсто и се движат околу 1.500 евра. Потоа, од Србија ќе отидат во Хрватска и во другите европски земји, каде што платите надминуваат над 4.000 евра. Поради тоа, ние ќе бидеме принудени да увезуваме неквалификувана работна сила од Непал, Индија, Пакистан, на која Македонија ќе ѝ биде само попатна станица до европските земји – изјави Велковски за ВЕЧЕР.

Инаку, министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски, изјави дека „наша основна цел ќе биде да ги вратиме нашите работници дома“. За таа цел, како што рече, во Оперативниот план за активни мерки и политики за вработување, меѓу другото, се наоѓаат мерки и начини како да ги вратиме нашите работници дома.