Додека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се опоравува по здравствени причини и мора да мирува дома, во МВР веќе се развива вистинска битка за неговото наследство. Два табора, како во Министерството така и во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, интензивно работат зад кулисите кој ќе заземе неговото место доколку тој навистина си замине.
Според извори од МВР, едниот табор го поддржува директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев од Струмица. Јанев, кој ја гради својата кариера од нула и повеќето години бил на раководни позиции, важи за близок со премиерот Христијан Мицкоски.
Другиот табор е околу Сашо Топаловски, началник на СВР Скопје од февруари 2024 година. Со над 21 година искуство, Топаловски, познат како „Топалот“, работел на различни позиции – од инспектор за недозволена трговија и шверц, до раководни функции во Куманово и Чаир, па се до Шеста управа на МВР.
Шпекулациите за заминување на Тошковски започнаа по неговото повлекување од јавноста поради здравствени причини. Неофицијално, тој двапати се појавил на работа спротивно на лекарските препораки, што завршило со кратко лекување на КАРИЛ.
Сепак, сеуште не е сигурно дали Тошковски навистина ќе замине од МВР или ќе се ротира во Министерството за правда. Тој е на чело на Министерството од јануари 2024 година, како технички министер во предизборниот период.
Од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ најавуваат дека евентуални ротации и министерски промени се очекуваат во првото тромесечје на 2026 година.
