Православните верници денес го празнуваат Светиот маченик Стефан Нов Исповедник.

Овој светител, роден во 715 година, бил прогонуван и мачен од иконоборците и еретиците од тоа време, а пострадал за Христа кога имал педесет и три години.

За неговото раѓање е запишано дека неговата мајка Ана, исто како мајката на Самоил, се молела на Бога да ѝ подари син. Молејќи се еднаш во црквата во Влахерна пред иконата на Пресвета Богородица, ја фатил лесен сон во кој Богородица ѝ рекла: „Оди, жено, со мир – според молитвата твоја, син имаш во утробата своја“.

И навистина, Ана зачнала и родила син – свети Стефан. На шеснаесетгодишна возраст Стефан го примил монашкиот чин на Аксентијевата гора кај Цариград, од старецот Јован, од кого се научил на божествена мудрост и подвижништво. По смртта на старецот Јован, Стефан останал на гората, строго подвизувајќи се.

Неговата светост привлекла многу ученици. Во времето на цар Константин Копроним, кој ги прогонувал христијаните уште построго од својот татко Лав Исавријанин, Стефан се истакнал како ревносен заштитник на почитувањето на светите икони. Бил протеран на островот Проконис, а потоа донесен во Цариград, окован и фрлен во темница, каде биле затворени уште 342 монаси поради иконопочитување.

Во темницата тие ја извршувале црковната служба како во манастир, сè додека царот не го осудил Стефан на смрт. Светителот ја предвидел својата смрт и се простил со братијата. Откако слугите на царот го извлекле од темницата, свирепо го претепале, влечејќи го по цариградските улици и повикувајќи ги сите приврзаници на царот да го удираат со камења.

Еден од еретиците го удрил по главата со дрвено парче, по што тој издивнал. Како што првомаченикот Стефан пострадал од Евреите, така и Стефан Нов – исповедник, пострадал во 767 година, на 53-годишна возраст, од иконоборните еретици.


Обичаи и верувања

Во народот овој светител не е многу познат, но меѓу сестринството на манастирот Грачаница е мошне почитуван. Тие биле сведоци на многубројни чудесни исцелувања на болни, откако над нив била читана молитва пред неговите мошти.

Според народното верување, Свети преподобномаченик Стефан Нов им помага на брачни парови кои не можат да имаат деца, лечи душевни болести и дава утеха на сите што имаат силна вера.

Се верува дека на овој празник не смее да се лаже и измамува, зашто со тоа човек си го руши животот и се оддалечува од вистинскиот пат што Бог му го подарил. Поради тоа, светителот нема да се смилува и нема да подари здравје или потомство.