„Мастика диетата“ станува сѐ попопуларна меѓу девојчињата, но лекарите предупредуваат дека недостатокот на хранливи материи може да предизвика сериозни последици.

Нов опасен тренд меѓу тинејџерките зема замав! Наместо оброци, девојчињата со денови џвакаат само жваки, а лекарите предупредуваат дека последиците можат да бидат сериозни. Овој начин на „слабеење“ може да доведе до сериозно нарушување на организмот.

Забележани се и случаи каде млади девојчиња по неколку дена завршиле на инфузија. Според лекарите, ваквиот тренд е опасен бидејќи жваките, освен што содржат шеќер, немаат никакви други хранливи материи неопходни за функционирање на телото.

– Тоа што го прават е ризично. Жваките можат краткорочно да го зголемат нивото на шеќер, но не обезбедуваат витамини, минерали, протеини или други важни материи – а токму тие се клучни за нормален раст и развој – предупредуваат стручњаците.

Дополнително, може да дојде и до иритација на желудникот, бидејќи се лачи плунка без внес на храна, што го оптоварува дигестивниот систем.

Организмот во период на раст има зголемена потреба од хранливи материи, па ваквите рестриктивни навики се особено опасни. Ако подолго време не се внесува храна, може да дојде до хормонален дисбаланс, нарушувања во телото и сериозни здравствени проблеми.

– Ова не е диета, туку исцрпување на организмот. Вистинска диета значи намалување на калории, но не и лишување од основни хранливи материи – нагласуваат експертите.

Според нив, веќе по неколку дена без соодветен внес на храна може да се појават симптоми како слабост, вртоглавица, губење концентрација и пад на енергијата. Во потешки случаи може да дојде и до дехидратација, намалено мокрење и потреба од медицинска помош.

Нутриционистите дополнуваат дека ваквиот начин на „слабеење“ може да остави долгорочни последици врз здравјето, особено кај деца и тинејџери.

– Кога не јадете, организмот почнува да ги троши сопствените резерви. Можеби ќе се изгуби тежина, но тоа не е здраво. Потребни се три избалансирани оброци дневно за нормално функционирање – советуваат тие.

Стручњаците апелираат младите да не следат трендови од социјалните мрежи, туку да се водат според совети од медицински лица. Балансираната исхрана и умереноста се клуч за здрав развој и добра енергија.