Повеќе од јасно е дека вирусот мутира, но колкави и какви мутации ќе има не може да претпоставиме. Од досегашното искуство видовме дека со мутација на вирусот болеста, нејзиното ширење како и тежината на нејзината клиничка слика се манифестира различно. Секоја нова мутација може да носи нови изненадувања со себе како и нови бранови – вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, д-р Стевановиќ. Таа додава дека летото е време кога движењето на популацијата е многу поголемо и го зголемува ризикот од ширење на инфекцијата, а секоја нова мутација која се појавува било каде во светот може да биде следна причина за појава на нов бран и зголемување на бројот на нови пациенти.




Третиот бран од пандемијата со ковид-19 во Македонија постепено стивнува. Тоа го потврдуваат и 24-часовните бројки на новодијагностицирани лица кои од троцифрени станаа двоцифрени. Драстично е намален и бројот на хоспитализирани пациенти, но и на оние што се на домашно лекување. За актуелните состојби со пандемијата, како се справуваме и каква е моменталната состојбата во Клиниката за инфективни и фебрилни состојби разговаравме со директорката д-р Милена Стевановиќ со цел да ни појасни како се справува оваа клиника со лицата на кои коронавирусот им предизвика големо здравствено нарушување. Таа ни посочи дека единствен спас од вирусот е да се имунизираме.
Доктор Стевановиќ, за весникот ВЕЧЕР можете ли да ни кажете каква е во моментов состојбата со пациентите што се лекуваат на Инфективната клиника, колку од нив се со тешка клиничка слика?




-На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје се лекуваат 74 пациенти од кои педесет се на кислородна поддршка, а тројца на неинвазивна вентилација.
На што се должи големата смртност која, реално, во однос на другите земји во опкружувањето е многу голема?




-Бројките на пациенти починати од ковид-19 секако ќе се разликуваат во различни земји и верувам дека тоа ќе зависи во голема мера од начинот како и од искреноста во рапортирањето. Ние во земјата ги пријавуваме сите починати од ковид-19 без исклучок. Транспарентно бројката на починати секако се зголемува во период кога има голем наплив од заболени, но на смртноста влијаат и непридржувањето до дадените инструкции, недовербата дека постои вирусот итн.




Дали треба да нè загрижува олабавувањето на рестриктивните мерки, работењето на кафеаните, фитнес-клубовите, одржување на разни презентации… дали сето ова може да ни се врати како бумеранг?




-Олабавувањето на мерките не треба да нè загрижува доколку сите се придржуваме до мерките за заштита лични и индивидуални и почитување на соодветните протоколи за работа во теретани, кафеани, фитнес-клубови други објекти кај што се собираат повеќе луѓе.




Заради брзата мутација на вирусот дали можеби очекувате четврти бран на коронавирусот, бидејќи во Хрватска веќе има нов забрзан раст на бројот на заболени, а во Словенија веќе е детектиран индискиот сој на вирусот?




-Повеќе од јасно е дека вирусот мутира, колкави и какви мутации не може да претпоставиме. Од досегашното искуство видовме дека со мутација на вирусот болеста, нејзиното ширење како и тежината на нејзината клиничка слика се манифестира различно. Секоја нова мутација може да носи нови изненадувања со себе како и нови бранови.




Колку постоечките вакцини можат да нè заштитат наесен кога би циркулирале новите мутации на ковид-19 или можеби сметате дека дотогаш во земјава ќе има колективен имунитет?




-Постоечките вакцини треба да дадат заштита на досегашните познати соеви на вирусот во висок процент, но и кај оние луѓе кои каде што ќе се појави и развие болест клиничката слика и тежината на болест ќе бидат многу полесни.




Деновиве се прошири информација дека има грчка мутација на коронавирусот која е детектирана во Атина кај мигрант. Анализите покажале дека таа е многу слична со нигерискиот сој. Дали сметате дека има опасност да се прошири и кај нас особено што многу наши сограѓани ќе летуваа во Грција?
-Секоја нова мутација која се појавува било каде во светот може да биде следна причина за појава на нов бран и зголемување на бројот на нови пациенти. Летото е време кога движењето на популацијата е многу поголемо и секако го зголемува ризикот од ширење на инфекцијата од различни страни на светот.




Дали можете да направите споредба меѓу вториот и третиот бран, кој според вас беше потежок?
-Од почетокот на епидемијата кај нас практично и да не се прави разлика помеѓу брановите, но секако овој таканаречен трет бран беше најтежок, со многу потешка клиничка слика од претходните како и масовноста со бројот на пациенти.




Во тек е масовната имунизација во земјава, дали вие се вакциниравте и со која вакцина?
-Вакцинацијата е најголема шанса да се заштитиме од ковид-19. Јас во вторникот ја примам втората доза од вакцината Фајзер.




Македонскиот офицер оздравува, наскоро ќе ја напушти Инфективната клиника
Македонскиот офицер кој деновиве беше донесен од Африка е хоспитализиран на вашата клиника. За среќа тој не е заразен со јужноафриканскиот сој на коронавирусот, кај него е детектиран нигериски сој на вирусот. Каква е неговата здравствена состојба и како сте организирани при неговото лекување?




-Македонскиот војник кој беше на мисија и сега ена лекување во Клиниката за инфективни болести беше инфициран со нигерискиот сој на ковид-19. Неговата здравствена состојба е добра и набрзо ќе биде испишан од Клиниката за инфективни болести. Неговиот транспорт од болницата во воената база до нашата клиника беше спроведен со применување на сите потребни протоколи за безбедно патување како за пациентот така и по околината и беше исклучена секоја шанса за ширење на инфекцијата со нигерискиот сој во нашата земја./Vecer.mk
