Заменик-генералниот директор на „Македонски шуми“, Кире Михаилов, на социјалните мрежи објави дека секојдневно се соочува со закани, без разлика на политичката власт.

„Откако во 2017 година дојде Зоран Заев на власт, поминав шест години кои не можам да ги опишам со зборови!“, пишува Михаилов. „Невиден терор, закани, психички малтретирања, казни на работа, уцени за мојот приватен бизнис, отпуштања на мене и мојата фамилија, и малтретирање на сите кои се блиски со мене – и тоа не е се! Зоран Заев, Марјан Даскаловски и нивната ‘компанија’ облекоа железни опинци за да ми го уништат животот! Освен дел од здравјето, ништо друго не можеше да ми чепне.“

Според него, ситуацијата не се смирила ниту по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година. „Секојдневно се соочувам со закани. Во шумарството, од Берово до Струга и од Струмица до Тетово, ако некој е обвинет или затворен, јас сум му проблемот! Но јас сум само заменик-генерален директор, ниту генерал, ниту министер. Ако мислите дека сум семоќен, грешите – сум само човек, но почестен и решен.“

Михаилов јасно порачува дека нема да се предаде. „Ниту досега, ниту отсега нема да се исплашам. Се она што сум го започнал ќе го продолжам со уште посилно и пожестоко темпо. Немојте да мислите дека влегов неподготвен – напротив, подготвен сум и психички, и од било кога, и од било кого.“

На крајот, тој посочи дека заканите кон него и неговата фамилија не го плашат: „Поздравот што ми го испративте дека ‘само еден ден ви е доволен да излезете надвор од затворот’, чувајте си го за вас – мене ниту ме плаши, ниту ќе ме предомисли!“