Радосав од селото Горњи Ојковац довел дома 12 години помлада Албанка и ги воодушевил родителите.
Нова куќа, нов живот
Лајтиха прифатила да се омажи за Радосав, не обрнувајќи внимание на условите во кои ќе живее. Бргу од свекрвата добила ново име – Зорица, и на семејството Тимотијевиќ им подарила три деца.
„Мене срцето ми е полно, но душата ме боли што наоколу нема повеќе деца. Кога зборуваат за мене, не велат ‘тој што ја оженил Албанката’, туку ‘тој што има чеда’, па нагласуваат – тројца. Како да имам не знам какво чудо, а не деца. Тажна е големата мака кога те знаат по тоа што си татко, кога во целиот крај нема на чие веселба да одиш, кога после долго време јас бев првиот од чија куќа се слушна детски плач, а уште долго ќе останам последниот што залула колевка“ – раскажал Радосав Тимотијевиќ, сопругот на Зога – Зорица, за „Блиц“.
Мајката и таткото скокаа од радост
Радосав сакал по секоја цена да се ожени. Имало девојки што сакале да тргнат со него, но ниедна не сакала на село. Секоја сонувала градски живот, а не опинци и штала. Не им замерува, вели, бидејќи ниедна не би била како Зога.
„Отидов во Чачак, запознав една Албанка, таа ми ја покажа сликата на својата сестра. Реков – ја сакам. Отидов во Албанија, ја запросив Зога, 12 години помлада од мене. Прифати. Веселието кога ја доведов дома – мајка ми Јела и татко ми Слободан од радост скокаа. Зога им тргна голем камен од срце, а радоста беше уште поголема кога почнаа да се раѓаат децата“ – се присетува Радосав.
Тежок почеток, голема љубов
На неговата сопруга најтешко ѝ паднале јазикот, планинската клима и теренот. Дошла од рамница, блиску до море, каде што зима речиси и нема. Тука научила да живее во снежни предели, но брзо се снајде во селото. Српскиот јазик одлично го совладала, а свекорот и свекрвата ја фалат на големо.
„Долу кај мене се рамници, а овде рид до рид. Живеев близу море, таму каде што зима не постои, а овде снегот знае да навее до колена. Селото не ми е проблем, бидејќи и јас пораснав во село. Условите за живот не ми беа тешки, беда таму, беда овде, навикнав да се нема“ – рекла Зога, мајка на тројца деца во целиот крај.
Силата на жената од село
Со текот на времето, Зога станала столб на домаќинството. Знае да измолзе крави, да направи сирење, работи рамо до рамо со сопругот на нива, а не ѝ е тешко ни да ги впрегне воловите и да оди во шума по дрва.
„Да ја видиш мојата Зорица кога ќе ги впрегне воловите, па заедно со мене во шумата да влечеме дрва или со воз да го расчистуваме патот. Минатата зима синот ни се разболе, а до патот има два и пол километри, сè низ длабок снег. Малку го носев јас, па застанав да здивнам, а потоа го зеде таа во раце. Викнав: ‘Не смееш, бремена си, не можеш’, а таа не попушти. Побрзо таа одеше со него во прегратки отколку јас“ – ја пофалил Радосав својата сопруга.
Три деца и крај
Бојан, Добривоје и Јована – тројцата деца донеле радост во нивната куќа. Тука Радосав и Зога ставиле точка кога станува збор за проширување на семејството.
„Ако беше до немаштијата – не е. За земјата би ги виткавме грбовите дење и ноќе за да нахраниме уште деца, би се откажале и од залак ако треба, но друго е во прашање. Најблиското училиште од тука е седум километри, во Јасеново, пола пат низ шума. Брзо нашите ќе пораснат за училиште, а треба едно по едно да ги испраќаме и да ги чекаме. А кој би пазел на четврто, петто. Барем да ги чистат патиштата, па да може со кола, и некако, но во овие услови – не“ – вели Радосав.
