„Поради околности, оваа година на летување ќе можам да одам дури во септември. Со оглед дека најверојатна дестинација е Грција, Ве молам за совет, предлог или позитивни искуства околу изборот на место за одмор. Најголема грижа ми се времето и температурата на морето. За сега најверојатна опција е патување со автомобил“, напишала една корисничка на Ана Форум во темата посветена на избор на дестинации за септемвриско летување.

Зошто септември?

Септември сè почесто го избираат оние што сакаат помирен одмор без метеж, поевтини цени и пријатни температури. Сепак, прашањето што најчесто се поставува е: каде морето е сè уште доволно топло и времето стабилно?

На форумот се развила интересна дискусија – „Добри дестинации за летување во септември“, во која корисниците ги споделија своите искуства и совети: од Јадранот до Медитеранот, откривајќи места кои и во рана есен нудат вистинско уживање.

Еве што велат туристите:

  • Грција:
    „Грција и септември се полн погодок, без разлика што ќе одбереш. Времето не треба воопшто да те грижи, само избери дестинација што ти се допаѓа и уживај!“

„Според мене, септември е најдобар. Водата е баш како што треба – не е студена, ниту премногу топла. Минатата година бев од првата недела на септември – сезоната со медузите беше завршена, времето прекрасно, над 30 степени секој ден, но не премногу топло. Понекогаш дуваше пријатен ветер. Бев во Паралија, но колку што слушнав, убаво е секаде во Грција во овој период.“

  • Хвар (Хрватска):
    „Не одам во Грција на летување, секоја година одам на Хвар, и тоа крајот на септември. Тоа е вистински погодок. Во јули не можеш да спиеш од жештина, а во септември ноќите се свежи, понекогаш треба ќебе. Деновите се топли, морето е топло. Единствено, денот е пократок. Но сепак – нема да згрешите.“

  • Бечиќи (Црна Гора):
    „Бечиќи има убава плажа за деца, песочна, со шарени камчиња – многу е практично за семејства.“

  • Тиват и околината:
    „Во Тиват летуваме неколку години по ред и многу го засакавме. Ако сте со автомобил, околу има прекрасни плажи. Би ја издвојила плажата Мовида – убаво уредена, а во септември има и бесплатни лежалки. На Луштица, пак, има многу убави плажи, на пример Мирище – мала, со природна ладовина и без гужва. Тиват е уреден, убав за прошетка, има голем парк за деца, а близу се Котор и Петровац – исто така прекрасен за семејства.“

Заклучок

Поголемиот дел од учесниците на форумот се согласија дека септември е идеален месец за летување, без разлика на дестинацијата. Без разлика дали ќе се одлучите за Црна Гора, Грција, Турција или некоја подалечна земја – овој период нуди помирни плажи, пријатни температури и поповолни аранжмани. Многумина дури сметаат дека одморот во септември е еднакво убав, а понекогаш и подобар од оној во шпицот на летната сезона.