Животот понекогаш создава приказни какви што не би можеле да ги смислат ниту најдобрите холивудски сценаристи, а токму таква е приказната на 38-годишната Нина Дмитрушкова од Волгоград. Покрај своите четири биолошки деца, таа износила уште пет бремености како сурогат мајка, поминувајќи низ солзи, трагедии, но и неочекувана љубов.

Пред 15 години, Нина и нејзиниот сопруг живееле со четирите деца во две мали соби во куќата на нејзините родители, заедно со семејствата на нејзините браќа и сестри. Сопствен дом им изгледал како недостижен сон, сè додека Нина не видела телевизиска емисија за сурогат мајчинство и не се јавила на телефонскиот број прикажан на екранот.

За својата одлука му кажала на сопругот дури откако ги поминала сите медицински прегледи и нашла пар за кој ќе биде сурогат мајка. Тој првично бил преплашен, мислејќи дека станува збор за нешто незаконско, но кога таа му објаснила дека генетски не е мајка на детето и дека сè се одвива медицински, ја поддржал и дури одел со неа во клиниката.

Трагедија во воз и нов почеток

Нејзиното прво искуство за малку ќе ја чинело живот. Во 20-тата недела од бременоста, додека патувала со воз за Москва на преглед, добила силно крвавење. Агенцијата не испратила никого да ја пречека, па таа, крвавејќи, сама се упатила со метро до болница, каде што лекарите морале итно да ја прекинат бременоста.

Добила само симболичен надомест, но не се откажала. Уште од болничкиот кревет нашла нова агенција, а три месеци подоцна повторно влегла во програмата. Вториот обид бил успешен – родила момче, а благодарните родители ѝ исплатиле повеќе од договореното, околу 11.500 евра. Со тие пари конечно купиле свој двособен стан.

Кога богатиот клиент се откажал од сопственото дете

Само шест месеци подоцна, Нина повторно станала сурогат мајка. Овојпат нарачател бил познат московски адвокат кој очајно сакал внук, користејќи зачувани репродуктивни клетки од својот починат син и донаторска јајце-клетка.

Сè одело според планот сè додека ултразвукот не покажал дека носи девојче. Во тој момент богатиот дедо престанал да се јавува и да ги плаќа договорените трошоци, бидејќи сакал исклучиво машки наследник.

По породувањето пристигнала шокантна порака: „Нарачателот го одби детето.“

Нина била целосно скршена, но нејзиниот сопруг без двоумење рекол:

„Ќе го задржиме детето!“

Така малата Ева станала нивно петто дете и центар на нивниот свет.

„Не можеме да си го замислиме животот без неа. Неизмерно ја сакаме“, вели Нина, додавајќи дека кога ќе дојде вистинското време, на Ева ќе ѝ ја раскаже вистината за нејзиното раѓање.

Иако го тужела адвокатот и добила судска пресуда во нејзина корист во износ од 2,5 милиони рубљи, никогаш не ги добила парите бидејќи тој го сменил името и исчезнал. Сепак, појавувањата во телевизиски емисии, каде што ја раскажала својата приказна, ѝ донеле поголеми приходи од таа сума, па семејството купило уште еден стан.

Болката ја претворила во животна мисија

Подоцна уште еднаш била сурогат мајка и родила близнаци, а со заработените средства започнале да градат семејна куќа. Петтиот обид завршил со неуспешна бременост, што Нина го сфатила како знак дека е време да престане.

Наместо да се повлече, таа основала сопствена агенција за да им помага на други жени и на парови кои не можат да имаат деца, но и за да ги заштити сурогат мајките врз основа на своето лично искуство.

Благодарение на нејзината посветеност, досега на свет дошле повеќе од 50 деца. Иако се соочувала со осуди од околината, па дури и со пријави во полиција и обвинувања дека „тргува со деца“, таа не се кае.

„Искрено верувам дека ова е мојот животен повик. Го сакам тоа што го работам, ми носи радост. Тоа е можност да му помогнам на моето семејство, но и да им донесам среќа на паровите кои не можат да имаат деца“, заклучува Нина.