По 10 април, патувањата на граѓаните на Македонија кон земјите од Шенген-зоната повеќе нема да бидат исти. На тој датум, кој оваа година се паѓа на Велики петок, ЕЕС системот (Entry/Exit System) преминува во целосен, 24-часовен режим на работа. Тоа значи дека системот ќе функционира непрекинато, без можност за паузи, а се очекуваат нови задржувања и потенцијално повеќечасовни гужви на границите.
Иако граѓаните веќе од февруари ќе се соочат со продолжено работно време на ЕЕС системот, вистинскиот „удар“ се очекува за време на велигденските и првомајските празници, како и во текот на летната туристичка сезона. Сепак, постојат начини како овие гужви да се избегнат.
Каде ЕЕС системот не се применува
ЕЕС системот се применува исклучиво на надворешните граници на Шенген-зоната и се однесува на државјани на земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои се и граѓаните на Северна Македонија.
Системот не важи за земји кои не се дел од Шенген, без разлика дали се членки на ЕУ или не.
Земји во кои македонските граѓани можат да патуваат без ЕЕС
Патувањата во земјите од регионот остануваат најбезбедна опција кога станува збор за избегнување на ЕЕС системот:
-
Србија
-
Албанија
-
Косово
-
Црна Гора
-
Босна и Херцеговина
Дополнително, Турција е една од најпопуларните дестинации бидејќи не е членка на ЕУ ниту на Шенген-зоната, па ЕЕС не се применува. Се препорачува патување со авион за да се избегнат копнените гужви.
Исто така, Кипар претставува добра опција – иако е членка на ЕУ, не е дел од Шенген-зоната, па македонските граѓани можат да влезат без примена на ЕЕС системот.
Каде се очекуваат најголемите гужви
Според досегашните искуства, најголеми задржувања се бележат на границите со Грција и Бугарија, особено за време на празници и летната сезона.
Во летниот период, зголемени гужви се очекуваат и на алтернативните гранични премини, бидејќи дел од граѓаните ќе се обидат да избегнат најфреквентни точки.
Продолженото работење на ЕЕС значи и подолги чекања
Веќе од февруари, ЕЕС системот ќе функционира во „продолжен“ режим, и до 7–8 часа дневно. Искуствата од досегашната постепена примена покажуваат дека и кога системот бил активен само неколку часа, на одредени гранични премини се чекало и по 10–12 часа, особено за време на државни празници.
Поради тоа, се проценува дека продолженото работење на системот за време на празничните денови може да доведе до уште поголеми колони и сериозни задржувања.
Од 10 април – уште поголема промена
Од 10 април, ЕЕС системот преминува во непрекинат, 24-часовен режим на работа, без можност за исклучување, дури и во услови на екстремни гужви.
Тоа значи дека секој патник кој влегува или излегува од Европската Унија ќе мора да биде регистриран или верификуван, без исклучоци – и на главните и на алтернативните гранични премини.
Дополнителен проблем е што 10 април се совпаѓа со Велики петок, кога традиционално голем број граѓани патуваат или се враќаат од странство, што дополнително ќе ги зголеми гужвите на границите.
