Љубица Станковиќ (31) од Зрењанин направи пресврт во својот живот и тргна сама на авантура низ Централна Азија со својот Fiat Punto. На Памир Хајвеј се соочи со неочекувани проблеми, но благодарение на локалните луѓе откри и голема човечка добрина.

По својата триесетта година сфатила дека животот во Србија – работа, учење, врска и нов бизнис – не ѝ носи среќа. Затоа прекинала сè: дала отказ, ја прекинала врската и ја оставила рутината зад себе. Верниот сапатник ѝ бил пунтото од 2004 година, автомобил што го имала шест години и кој за неа станал симбол на слободата.

„Слободата е токму тоа што ми требаше во тој момент“, вели Љубица. Наместо да патува само до целта, сакала да ужива во секој километар – од Казахстан и Узбекистан, до Таџикистан и Киргистан.

Патот ја однел низ југот на Турција и Ерменија, а потоа и на еден од највисоките и најтешките патишта во светот – Памир Хајвеј, на висина од 4.655 метри. До тогаш без проблеми поминала повеќе од 10.000 км, но таму пунтото застанало. Без сигнал и со малку пари, останала сама.

„Имав среќа што колата застана пред нечии куќа. Локален механичар, Изад, и неговото семејство ме примија кај нив. Ми дадоа кревет, храна и се однесуваа кон мене како да сум дел од нивната фамилија. Три дена работеа на колата со делови од Опел и што ќе најдат во дворот. Тоа беше вистинска уметност. Тогаш сфатив дека луѓето навистина се добри и дека секогаш ќе се најде некој да помогне“, раскажува Љубица.

Иако првично помислила дека ќе мора да го остави автомобилот, успеала да продолжи со патот. Исклучително ја трогнало тоа искуство – од очај да се прашува зошто тргнала, до сознание дека таму стекнала ново семејство.

Најлошото искуство, сепак, не било во Азија, туку во Бугарија – каде била нападната од маж во парк. За среќа, успеала да побегне неповредена, но од тогаш ноќе спие само во заклучено возило и со недоверба приоѓа кога ѝ се доближуваат непознати мажи.

И покрај сè, таа вели дека патувањето никогаш не било осамено: „Кој патувал соло знае дека никогаш не си сам. Луѓето доаѓаат и си заминуваат, но на крај остануваш ти и твоето пунто.“

Љубица вели дека патувањето не било скапо – започнала со само 200 евра заштеда, а месечно трошела помалку од 500 евра. Спиела во кола или преку Couchsurfing, а најголемите трошоци биле гориво, храна и такси за премин во земјите низ кои минувала.

„Сакам мојата приказна да охрабри повеќе луѓе да тргнат на пат. Памир го започнав проколнувајќи се себеси, а го завршив со план да се вратам повторно – следниот пат можеби без пунто“, вели Љубица со насмевка.