Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази очекување дека до јуни или јули наредната година системот „Безбеден град“ ќе биде имплементиран на целата територија на државата, додека до крајот на 2026 година истиот ќе функционира како целосен паметен систем во секој град.

„Македонските граѓани заслужуваат во Тетово, Скопје, Берово, Делчево, Струга и Охрид да имаат едно современо и паметно решение што ќе ја следи европската стратегија ‘нула жртви’. Целта е до 2050 година да немаме човечки жртви како последица од непочитување на сообраќајните правила“, истакна Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање.

Изјавата беше дадена за време на промоцијата на фотоволтаична централа поставена во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи.

Министерот потсети дека тест-периодот за регистрирање на сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“ трае до 1 февруари наредната година.

Според Тошковски, ова е само еден од чекорите што треба да се преземат во насока на подобрување на сообраќајната безбедност, но веќе во рамки на краткиот тест-период се забележуваат позитивни резултати.

„Првичните информации покажуваат дека граѓаните значително го менуваат своето однесување при управување моторни возила во споредба со претходно“, нагласи тој.