Запознајте се со правилата на Велигденскиот пост и дознајте како молитвата може да донесе мир и радост.
Велигденскиот пост важи за најстрог и најдолг пост. Оваа година започнува на 23 февруари и завршува на 11 април, во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден, кој се слави ден подоцна. Иако постојат строги правила, свештениците нагласуваат дека најважно од сè е искреното покајание.
„Негова основна задача е телесно и духовно да нè подготви за празникот на Христовото Воскресение – Велигден. Во текот на овој пост се воздржуваме од месо, јајца, сирење, млеко, односно храна од животинско потекло. Вино и масло се дозволени само во сабота и недела и на празникот на Светите четириесет маченици (Младенци), додека риба се јаде само на Благовештение и Цветници. Во сите други денови се пости „на вода“, а особено строго во среда и петок. Во останатите денови може да се разреши на масло, но со посебен благослов од духовник или парохиски свештеник. Првите три дена од првата недела на Великиот пост традиционално се постат особено строго. Исто така и последната недела, која се пости „на вода“, освен на Велики Четврток кога се разрешува на масло и вино. На Велики Петок се воздржуваме од јадење и пиење сè до изнесувањето на плаштаницата, околу 15 часот, по што се зема лесен оброк на вода. Строго се пости и на Велика Сабота“, наведува правилникот на СПЦ.
Патријарх Павле за Велигденскиот пост
Правилата на Велигденскиот пост по недели се строги и секој што пости треба да внимава да ги испочитува.
Постот има две страни – телесна и духовна. Телесниот пост е воздржување од мрсна храна и алкохол, а духовниот пост подразбира одрекување од грешни и лоши мисли, желби и дела.
– Телесниот пост е воздржување од мрсна храна, но постои и духовен пост – преиспитување на духовната состојба и начин од душата да се искорени сè што е негативно и на тоа место да се засади доброто – објаснил во една прилика патријарх Павле.
Секоја недела од Велигденскиот пост има посебни правила
Велигденскиот пост се состои од 7 строги недели, а секоја носи посебни правила што треба да се почитуваат.
Прва недела: Чиста недела
Се нарекува и Тодорова или Теодорова недела. Во првите денови не се палат огништа и жените не треба да готват, туку се јаде претходно подготвена храна.
Втора недела: Пачиста недела
Од понеделник до петок се пости на вода, а во сабота и недела е дозволена храна подготвена на масло.
Трета недела: Крстопоклона недела
Верниците се поклонуваат пред Чесниот крст. Потребно е воздржување од духовни искушенија.
Четврта недела: Средопосна недела
Не треба да се изговараат лоши зборови, дури ни на шега, и треба да се посвети внимание на работата и духовниот напредок.
Петта недела: Глува недела
Името го добила затоа што поминало долго време во пост и настапува период на молчење и покајание. Црквата забранува веселби, свирки, песни и забави.
Шеста недела: Цветна недела
Главна улога имаат растенијата и цвеќињата. Според верувањето, ништо што цвета не треба да се сади, за да има плод. Вообичаено е да се плетат венчиња од врбови гранчиња и цвеќиња.
Седма недела: Страдална недела
Последната недела пред Велигден се поминува во строг пост, молитва и покајание.
Моќна молитва
Покрај постот, молитвата е неопходна. Отец Тадеј сметал дека не се потребни сложени молитви. Доволно е секоја вечер да се изговори оваа кратка, но силна молитва:
„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“
Ако повторувањето на овие зборови ви стане секојдневна навика, ќе почувствувате како вистинскиот мир и радост се вселуваат во вашата душа.
„И молитвата е вежба. Ако постојано ја повторуваме, таа преминува во чувство“, говорел отец Тадеј.
Неговото основно учење било дека Бог е насекаде и им помага на сите – и на слабите и на силните, на секого кому му е потребна помош. Затоа човек треба постојано да го вежба срцето да се отвора кон Бога, да престане сè да објаснува со разумот и да се ослободи од сопствените проценки, за да стане отворен за божествената благодат.
