Свадби без оро и жива музика, а единствен танц да биде само тој на младенците со кој ќе стартува прославата. Освен тоа свадбите ќе се организираат со ограничен број гости во зависност од капацитетот на угостителскиот објект. Дезинфекциски средства на сите маси, а персоналот задолжително да носи заштитна маска. Работното време да е до 21 часот.

Ова стои во протоколот за работа на рестораните за свадби и ноќните клубови, за кој Комисијата за заразни болести треба да даде зелено светло. Во спротивно, како што најавија сопствениците на рестораните за свадби, од следната недела повторно излегуваат на протести.

Сопствениците на ресторани за свадби се надеваат дека наскоро ќе се тргне забраната за организирање на свадби и тие по една година повторно ќе можат да работат. Велат дека новите протоколи за работа има минимални измени од претходните и дека се изработени во согласност со оние по кој работат „а-ла-карт“ рестораните. Прославите ќе бидат организирани со 40 до 50 лица во зависност од капацитетот на угостителскиот објект, но без музика и ора.

-Ние бараме да се тргне членот 14 од Уредбата, донесена на 23 јуни 2020 година, со кој се забранува организирање на прослави. Во почетокот тие ќе се организираат без музика и ора, односно нема да има класични свадби туку тоа ќе биде еден вид свечена вечера или свечен ручек по повод стапување во брак на младенците, изјави за ВЕЧЕР, Перица Голомејиќ, од Иницијативен одбор за организирање на протестите.

Според него, зборот „свадби“ треба да го заборавиме во 2021 година, бидејќи класични свадби како оние кој се организираа порано со многу гости, ора и музика нема да има.
Сопствениците на рестораните за свадби стравуваат дека ако и сега не им се дозволи да работат, ќе мора да се откажат од бизнисот и да го продадат локалите, бидејќи веќе една година не работат, односно не остваруваат никакви приходи, трошоците им се зголемуваат, а долговите им се трупаат.

Комисијата за заразни болести во текот на неделава ќе го разгледа новиот протокол и во зависност од епидемиолошката слика ќе одлучат дали ќе им се дозволи на сопствениците да ги отворат угостителските објект.
Рестораните за свадби имаат забрана да работат од 23 јуни минатата година кога беше донесена Уредба со законска сила со која се забранува организирање на прослави.