Со ДПМНЕ нема членство во ЕУ ниту за 100 години, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, сите кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонските граѓани да живеат достоинствено. Ова премиерот го кажа во интервју за Цивил медиа. Кажа дека во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија била во изолација.

„Тогаш бевме заедно со Хрватска и дури и предничевме, а денеска Хрватска е членка на ЕУ, а ние сме со отпочнати преговори со ЕУ. Многу години и многу генерации изгубени. Тоа не смееме да го дозволиме да се случи пак. Со ДПМНЕ нема иднина, нема членство во ЕУ ниту за 100 години и тоа и многу јасно го кажа Мицкоски, јавно, на телевизија. Самиот потврди дека тие немаат намера да го продолжат европскиот пат. Како што кажа тој, ‘може да бидат и сто години’, а ‘можеби и никогаш да не биде’. И затоа е јасно дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја преземе власта, државава е осудена на изолација, иста каква што гледавме 11 години, со тоа што последиците сега ќе бидат несразмерно поголеми и на штета на граѓаните“, вели премиерот.

Претходно, тој кажа дека СДСМ е автомобил кој води во Брисел и Вашингтон, а ВМРО-ДПМНЕ го спореди со автомобил од стиропор кој никој не би го купил.

Шпанскиот амбасадор во Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија во неделното интервју за РСЕ, изјави дека ја поддржуваат земјава да се интегрира во ЕУ, но можни се и други пречки. Тој смета дека и други држави можат да ја блокираат Македонија.

Инаку, од официјална Софија кажаа дека не е само барањето за уставни измени за да може Македонија да преговара со ЕУ. Опозицијата е против внесувањето на Бугарите во Уставот. Инаку, Молдавија и Украина почнаа преговори со ЕУ, а Грузија доби статус кандидат./Faktor