Нашите предци верувале дека односот кон парите директно влијае врз финансиската состојба на семејството. Затоа паричникот никогаш не смеел да биде целосно празен – без разлика на состојбата на сметката, во една преграда секогаш стоела барем една монета. Се сметало дека на тој начин парите „сакаат“ да доаѓаат во куќата.
Често во паричникот се чувала првата заработена банкнота или онаа што ја подарил добар човек. Таквиот новец имал симболика на талисман и носел чувство на сигурност. Оттаму и денешниот обичај паричник, кога се подарува, никогаш да не биде празен. Некои, пак, во скриените прегради чувале и најситен апоен, убедени дека токму таа навика помага подобро да се управува со финансиите.
Посебна препорака била паричникот да биде црвен, бидејќи црвената боја симболизира успех, напредок и богатство.
Кога да се бара покачување и како да се ракува со парите
Во современото време истражувањата велат дека четврток е најдобар ден да се побара покачување, затоа што тогаш шефовите се порелаксирани пред викендот. Сепак, нашите стари сметале дека среда претпладне е идеален момент за такви разговори.
Се верувало и дека вечерните трансакции носат пропаст, а во вторник никогаш не се позајмуваат пари, леб или сол, бидејќи тоа значи дека финансиската сигурност го напушта домот. Друго правило било платата, кога ќе стигне, барем една ноќ да остане во куќата – дури следниот ден можела да се троши.
Навики што привлекуваат пари
Старите обичаи велат дека парите не сакаат кога трошките од масата се собираат со голи раце ниту кога се свирка во куќата. Затоа во џебовите на облеката во плакарот се ставале ситни пари.
Домаќинките внимателно ја крпеле и најмалата дупчица на џебовите, убедени дека парите „истекуваат“ низ оштетената облека. Копчињата на капутите и кошулите морале да бидат на свое место, а по метење на куќата метлата секогаш се остава со дршката свртена надолу.
„Отето – проклето“ и парите како талисман
Постоела и јасна граница – парите добиени на коцка, најдените пари, оштетените банкноти или ‘рѓосаните монети се сметале за несреќни. Такви пари не се чувале во паричникот, туку им се давале на сиромаси или брзо се трошеле.
Од друга страна, крупната банкнота со највисок апоен имала посебна моќ. Таа се чувала во куќата цела година за да ја впие енергијата на домот и потоа да почне да привлекува изобилство и финансиска стабилност.
