Викендов, за време на својот настап во преполн клуб, Марко Маринковиќ – Слаткар приреди момент што ги трогна сите присутни. Додека ја загреваше атмосферата, во публиката го забележа 19-годишниот Јован Костадинов – момчето чии храбри дела деновиве ја обединија цела Македонија.

Слаткар веднаш го прекина концертот, се симна од бината и му пријде. Следеше топла прегратка, а клубот експлодираше со громогласен аплауз. Публиката го поздрави Јован како вистински херој, а многумина не ги сокрија емоциите.

„Го видов херојот од Кочани и морав да му се поклонам“, напиша Слаткар подоцна на својот Инстаграм профил, споделувајќи фотографии од моментот што за кратко време стана вирален.

Оваа кратка средба беше потсетник за човечност, благодарност и огромна почит кон младиот храбар Винничанец, кој во трагичниот пожар во Кочани успеа да спаси бројни животи.

Јован, кој се нашол надвор од дискотеката во моментот на пожарот, без двоумење се вратил назад да помогне. Земал црево од блиската гаража, ја натопил маицата за да може да дише во чадот и влегол меѓу пламените јазици – мислејќи само на другите, не на себе.

Токму оваа негова храброст го направи симбол на солидарност и несебичност, а сцената со Слаткар уште еднаш ја потврди огромната поддршка што ја добива од целата држава.