Хрватскиот институт за јавно здравје објави нови препораки за одржување свадбени прослави во време на пандемијата со COVID-19.

Според препораките, дозволен е само еден танц за младенците, во кој на дистанца може да им се придружат нивните родители или членовите на тесното семејство, на почетокот на прославата, а после тоа не е дозволено танцување.

За време на свадбената прослава, се препорачува физичко растојание од еден и пол метар во сите простории. Ова правило не мора да се применува кај членови на исто домаќинство или лица кои се во близок контакт. Секој гостин на свадбата мора да има простор од најмалку четири квадратни метри, а доколку има повеќе од 50 гости на свадбата, мора да се обезбедат КОВИД редари, пренесува Index.hr.

Местата за седење мора да бидат означени однапред и оддалечени метар и половина, а растојанието помеѓу масите мора да биде три метри. Може да има најмногу осум лица на една маса. Рекорден број заразени во еден ден Рекордни 748 новозаразени од COVID-19 и четири смртни случаи се регистрирани во Хрватска во последните 24 часа.

Во моментов во земјата има 3.210 активни случаи, од кои 441 пациент е во болница, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.

Од хоспитализираните, 27 пациенти се на респиратор. Од 25 февруари вкупно 21.741 лице е заразено со новиот коронавирус во Хрватска, од кои 334 починале. Вкупно се излекувани 18.197 лица, од кои 308 во последните 24 часа. Во моментов има 16.598 лица во самоизолација.

До денеска се тестирани вкупно 372.683 лица, од кои 6.448 во последните 24 часа.