Минималната плата во Македонија и во 2026 година останува меѓу најниските во регионот. Единствено Косово, на почетокот на годината, има пониска минимална плата од македонската, но и тоа ќе се промени веќе од јули.

Највисока минимална плата во регионот има Црна Гора – 600 евра, додека за лица со виша школа или факултет таа не смее да биде пониска од 800 евра. Само за три години, минималецот во Црна Гора е зголемен 2,5 пати.

Во Србија минималната плата зависи од бројот на работни часови. Таа се движи од 505 евра во февруари, па сè до речиси 580 евра во месеците со најмногу работни часови.

Босна и Херцеговина има различни минимални плати по ентитети. Во Федерацијата БиХ таа изнесува 525 евра, а во Република Српска 511 евра. Таму, минималната плата дополнително се одредува и според степенот на образование, па за високообразованите надминува 740 евра.

Албанија од Нова година ја зголеми минималната плата за 25 отсто и таа сега изнесува 444 евра нето.

Во Македонија, минималната плата изнесува 24.379 денари, односно 397 евра. Во март се очекува законско усогласување од 1.500 до 2.000 денари, што е зголемување од околу 30 евра.

Економскиот аналитичар Зоран Ивановски предупредува дека зголемувањето на платите мора да оди заедно со раст на продуктивноста, бидејќи во спротивно може да доведе до поголема невработеност.

Косово од Нова година ја зголеми минималната плата на 384 евра нето, а од 1 јули таа ќе порасне на околу 450 евра. Тоа значи дека, доколку во Македонија нема посериозно покачување над законскиот минимум, земјава може да стане апсолутно последна во регионот по висина на минималната плата./Телма