Дали ви е тешко да се искачувате по скали и да слегувате бидејќи чувствувате силна болка во колената? Тешко станувате од кревет, а болката ве следи дури и кога подолго седите? Дали во последно време сте качиле неколку килограми? Ако е така, многу е веројатно дека имате артроза или остеоартритис на коленото.
Овој дел од нашето тело е многу чувствителен затоа што ја носи целата наша тежина. Коленото реагира дури и кога ќе се здебелиме половина килограм! А што да се каже за прекумерната дебелина, поради која колената трпат огромен притисок? Најлесно ќе се ослободите од болките ако ги симнете вишокот килограми. Како што тие ќе паѓаат, така и болките ќе се намалуваат, а движењето ќе стане полесно.
За каква болест станува збор
Артрозата или остеоартритисот е хронично дегенеративно воспаление што ја напаѓа рскавицата во коленото, полека ја троши, сè до моментот кога рскавицата исчезнува и доаѓа до триење – коските почнуваат да удираат една во друга. Се појавува укоченост на зглобот, отежнато движење и силни болки, бидејќи не страда само рскавицата, туку заболува целиот зглоб. Често, операцијата е единствено решение.
Постојат два вида остеоартритис – примарен и секундарен.
-
Примарниот настанува природно – со стареењето и постепеното пропаѓање на рскавицата. Поголемиот дел од луѓето над 50 години боледуваат од некој облик на оваа болест.
-
Секундарниот се јавува кај оние што имале скршеници на коленото, повреди на рскавицата, воспаленија на колен зглобот, но и кај автоимуни болести како дијабетес. Различни инфекции во телото исто така го ослабуваат имуниот систем, па го напаѓаат и внатрешниот состав на зглобот.
За оваа состојба, за жал, нема лек. Се користат одредени медикаменти и физикална терапија, но тие само ги ублажуваат симптомите. Затоа најдобра е превенцијата – здрава исхрана богата со влакна и витамини и – губење на телесната тежина.
Најтешко им е на дебелите
Сè поголемиот број заболени ја натерале науката да ја испита врската меѓу дебелината и остеоартритисот. Истражувањето траело пет години, а учесници биле луѓе над 60 години, од кои повеќе од половина жени. Тие биле поделени во две групи: едни кај кои артритисот веќе се развил, и други кај кои не.
Кај заболените, третина имале прекумерна тежина, додека кај здравите половина биле дебели. Лекарите утврдиле дека состојбата се влошила и кај оние што веќе имале артритис и кај оние што дотогаш немале. Единствената вистинска добробит ја доживеале оние што успеале да ослабат.
Така, губењето килограми се издвојува како главна стратегија за превенција или одложување на дегенерацијата на колените зглобови.
Не чекајте болеста да напредува
Она што е сигурно е дека постои „маѓепсан круг“ помеѓу дебелината и остеоартритисот. Болката во коленото го отежнува движењето, што пак доведува до таложење килограми. Тогаш остануваат само диетите како начин за намалување на тежината. Физичката активност е силно ограничена, иако е од пресудна важност за слабеењето.
Затоа најдобро решение е да не се дозволи воопшто да се создаде артроза на коленото, а потоа и да се развие. Дебелината е најголемата опасност што може да ги уништи колената, а ако не ја намалиме тежината, немаме ни промил шанса да нè заобиколи болеста. Засега, губењето килограми се покажало како најдобар лек.
