Цената на јајцата повторно го разбранува јавниот простор – една табла веќе достигнува и до 400 денари, а стручаците не ја исклучуваат можноста и за ново поскапување. Но, граѓаните велат дека и сегашните цени се премногу високи и дека табла не треба да чини повеќе од 350 денари.

Фармерите појаснуваат дека цената зависи од понудата и побарувачката, но и од состојбата со болестите кај живината, што не е проблем само во Македонија, туку и во регионот и Европа. Птичјиот грип во многу европски земји предизвика масовно уништување живина, а дополнително поскапува и храната за животните. Сепак, напролет се очекува подмладок во фармите, што би можело да ја стабилизира цената.

Граѓаните различно реагираат на моменталните цени.

Не би дала повеќе од 300 денари. Табла од 400 денари е многу висока. Селските јајца на пазар се 500, а продавачите дури се караат дека тоа е евтина цена“, вели Јадранка З.

За многумина, селските јајца станаа вистински луксуз.

Повеќе од 250 денари не давам. Кога беа поевтини, јадевме по 2-3 табли месечно. Сега внимаваме колку купуваме“, додава пензионерката Славица Ј.

Жителите на рурални места трошат повеќе, но дел од потребите ги покриваат со сопствена живина.

До 450 денари максимум би платила. Трошиме по 2-3 табли, но и сами чуваме кокошки“, вели жена од село.

Има и споредби со странство:
Нема да плаќам над 300 денари. Во Германија 10 јајца се 2 евра. Кај нас храната е прескапа“, вели кумановка која се вратила од странство.

На социјалните мрежи дополнително внимание привлече оглас за селски јајца по 1.000 денари таблата, што ги шокираше купувачите.

Птичјиот грип оваа година предизвика недостиг на јајца и во Германија, САД и Австралија – последиците ги чувствува и нашиот пазар.

Според Државниот завод за статистика, лани едно домаќинство во просек консумирало околу 609 јајца годишно.