Rottweil, Germany - January 12th, 2020: Hanan Dava on the sofa in the living room.

Сиромашните стануваат сѐ посиромашни, богатите сѐ побогати, покажува извештај на германската влада. Критичарите потенцираат дека короната уште повеќе ја засилува социјалната нееднаквост.

Џамила Кордус е храбра жена. Продавачката се осмели да излезе на телевизија и да зборува пред милионска публика на првиот канал на германската телевизија, во емисијата „Остро, но фер“. Темата на 10 мај гласеше: „Сиромашни и покрај тоа што работат – дали социјалниот подем е само празно ветување?“. Џамила Кордус е самохрана мајка. Парите секогаш одвај стигнуваат, иако работи со полно работно време како магационерка во голема онлајн-компанија. Откако ќе ги одземе фиксините месечни трошоци, ѝ остануваат околу 500 евра за живот.

Сиромашен и покрај работата – слика која сѐ почесто е германска реалност. Тоа го докажува и најновиот извештај на германската влада за сиромаштијата и богатството во земјата „Сиромашна богата Германија“. Извештајот излезе вчера (12.05) од Министерството за труд, а за констатациите во него најверојатно ќе се разговара уште еднаш во јули, во германскиот парламент.

Владата секои четири години прави обемен извештај (500 страници) кој би требало да овозможи поглед во социјалната ституација во Германија. А, таа изгледа главно мрачно – јазот помеѓу сиромашните и богатите во земјата станува сѐ поголем. Пандемијата на коронавирус ја има дополнително влошено ситуацијата. Тоа за опозициските партии, синдикатите и социјалните здруженија е сигнал за аларм.

Јоахим Рок
Јоахим Рок од Германскиот сојуз на социјални организации кои не се дел од мрежата на јавни установи, вели: „Извештајот покажува дека кризата најчесто ги погаѓа најсиромашните.“ Во интервју за ДВ тој додава дека токму во корона-кризата луѓето со ниски примања се изложени на ризик „од губење работа и приходи“. Влијанието на пандемијата врз богатите луѓе во финансиска смисла е далеку помало, нагласува Рок.

Сиромашни во Германија
Што значи да се биде сиромашен во Германија? Дали се сиромашни луѓето без покрив над главата, оние кои собираат шишиња или живеат од социјална помош? Или сиромашни се и луѓето кои работат со полно работно време, но не можат да преживеат со својата плата?

Во Германија е тоа точно дефинирано – сиромашен е оној кој има помалку од 60% од просечната нето-плата во земјата, а тоа во моментов се 1176 евра. Богат е оној кој има повеќе од 3900 евра нето. Тука се вбројуваат и супер богатите, како сопственикот на ланецот супермаркети „Лидл“, Дитер Шварц, чие богатство се проценува на над 20 милијарди евра. Уделот на богати луѓе во Германија постојано се зголемувал во последните години, покажува извештајот за сиромаштијата и богатството. Се зголемувал и уделот на сиромашните. Истовремено, се топи средниот слој.

За луѓето како Џамила Кордус, самохрана мајка од Берлин која собра храброст да ја раскаже својата судбина на телевизија, владиниот извештај веројатно делува многу отрезнувачки. Но, за неа едно не доаѓа предвид – да зема државна помош наместо да оди на работа. „Израсната сум со тоа дека работата е најважна“, рече таа за телевизијата АРД. Освен тоа, додава и дека сака да ѝ биде пример на својата ќерка. „Ако само седам дома, што ќе прават децата подоцна?“ Извор/Дојче Веле на македонски