Постојат одредени теми за кои не би требало да разговарате со колегите. Тоа е важно за вашиот душевен мир, приватност и за избегнување недоразбирања или непотребни компликации.
Клиничката психологка Јулија Королева објаснува кои детали е најдобро да ги чувате за себе.
1. Пари
Детали за вашите приходи, заштеда, кредити или поголеми трошоци не се најсоодветни теми за разговор. Искреноста на ова поле често носи непријатни последици.
„Откривањето информации за вашите финансии често предизвикува завист или несигурност кај другите. Дури и блиски пријатели или членови на семејството несвесно може да почнат да се споредуваат со вас“, објаснува психологот.
Преголемата отвореност може да ве направи мета за манипулации или измами. Финансиските прашања споделувајте ги само со луѓе на кои навистина им верувате.
2. Дневни навики
Вашата точна адреса, рутите за прошетка, термините за вежбање или навиките по работа се лични информации. Споделувањето со секого во околината може да биде опасно — никогаш не знаете кој слуша и кому може несвесно да му ги пренесе тие информации.
Затоа, задржете ги за себе.
3. Здравје
Често ни се чини дека споделувањето здравствени тегоби помага да се поврземе со другите, но важно е да се биде претпазлив.
„Ако станува збор за чувствителна дијагноза, за тоа разговарајте само со некој кому безусловно верувате. Откривањето медицински информации може да доведе до психолошка непријатност и несакани последици“, вели Јулија Королева.
Споделувањето здравствени проблеми со колеги може да ве направи ранливи или да предизвика дистанца од нив. По такви информации, луѓето често несвесно менуваат однос.
4. Семејни приказни и конфликти
Преголемата искреност за тешки ситуации или конфликти во семејството може да создаде погрешна слика за вас и вашите најблиски.
„Разговорите за семејни проблеми ги нарушуваат личните граници, создаваат непријатност и може да го поткопаат почитувањето кон вашето семејство“, додава психологот.
5. Претходни врски
Приказните за вашите бивши партнери, особено оние што содржат интимни детали, се ваша приватна територија. Споделувањето вакви информации може да предизвика љубомора, недоверба или сомнежи кај сегашниот партнер.
Интимните теми треба да се зборуваат во стабилна врска, со партнер на кој навистина му верувате.
6. Вашите слабости и стравови
Покажувањето ранливост на работа не е најдобра идеја. Колетивот може да ве доживее како несигурни или слаби, дури и ако тоа не е точно.
„Бидете внимателни во изборот на теми за разговор и одржувајте рамнотежа меѓу искреност и заштита на приватноста“, советува психологот.
Запомнете: почитувањето на сопствените граници е знак на самопочит. Кога ги негувате тие граници, природно се опкружувате со луѓе со кои навистина можете да се чувствувате пријатно и безбедно.
