„По 12 години чекање добивме зелена карта и фамилијарно одлучивме да отидеме во Калифорнија. Најдобрата работа тука е разновидноста. На два часа од Лос Анџелес може да одиш на планина каде има снег и да скијаш, а од таму по два часа може да одиш на плажа на океан каде времето е убаво и да се капeш“, раскажува 25-годишниот Христијан од Битола.

Христијан Ѓоргиевски (25) е роден во Битола, а повеќе од 4 години живее во Калифорнија.
Тој го живее „калифорнискиот сон“, ужива во најубавите зајдисонца над Тихиот Oкеан и по улиците ги гледа холивудските ѕвезди.
По професија е физиотерапевт, но во Калифорнија работи на Интернационалниот аеродром во Лос Анџелес, а од пред неколку месеци има сопствен бизнис за продажба на автомобили.
За искуствата од животот во Калифорнија тој пренесува за CRNOBELO.com:
Што те одведе во Калифорнија? Како се одлучи за преселба?
Преселбата во Америка не беше воопшто во план. Лично јас не сакав да ја напуштам Македонија, меѓутоа добивме писмо дека имаме право да аплицираме за зелена карта и тоа благодарение на тетка ми која живее тука во Лос Анџелес.
По 12 години чекање добивме зелена карта и фамилијарно одлучивме да дојдеме – првично на неколку месеци. Тогаш, гледајќи ги можностите кои ги нуди Америка, а сега и убавините кои ги гледам секојдневно во Лос Анџелес направија да сфатам дека всушност не сакам да се вратам назад.
Тоа не значи дека не ми недостига Битола, другарите и кафето на Широк Сокак ама во Лос Анџелес веќе живеам 4.5 години и можам да кажам дека сум задоволен и среќен со тоа што досега го имам постигнато. Засега немам намера да го напуштам, а за понатаму останува да видиме.
На што се мисли кога се вели „калифорниски сон“, каков стил на живот се води таму?
Кога се вели „калифорниски сон“ се мисли на богат, финансиски живот каде што можеш да си дозволиш скапи, убави работи, а и патувања секаде каде што сакаш.
Што се однесува до стилот на живот, кога ќе се спомне Лос Анџелес како град веднаш асоцира на славни личности, гламур и луксуз што и во најголемиот дел е и така. Меѓутоа го има и оној дел каде што не е сè така розово, добро и лесно.
Долови ни ја атмосферата од Лос Анџелес во неколку реченици…
Што се однесува до атмосферата… Голем град, гужва, мешани култури, музика, прекрасно калифорниско зајдисонце, песочни плажи, славни личности, храна од целиот свет, од луксузни населби до сиромашни и опасни предели кои што не се посетуваат. Но и во тоа има убавина, нели?
Во град како Лос Анџелес можноста за просперитет како индивидуа секој сам си ја одбира.
Најубавата работа во овој град е…
И покрај големиот избор на убави работи во Лос Анџелес сепак како најдобра би ја издвоил климата. Преку лето температурите се движат од 28-35 степени, а зимите се исто доста топли од 16-23 степени. За разлика од Македонија, каде што температурата често знае да биде и под 0.
Нема да го исклучам и раскошот којшто владее во Beverly Hills, прекрасните плажи на Тихиот океан (Santa Monica, Malibu, Manhattan beach) и секако местото по кое Лос Анџелес е најпознат – Холивуд.

Пентахус со поглед на Тихиот Oкеан или куќичка во некој порурален дел од Калифорнија?
Калифорнија е цела убава и поруралните делови имаат своја позитивна страна. Поевтини, големи куќи, посмирен живот, повеќе природа… Но според мене тоа е за повозрасни, фамилијарни луѓе.
Без разлика, јас сепак би одбрал пентхаус со поглед на Тихиот океан каде што утринското кафе го пиеш на тераса на изгрејсонце, а после работа денот ти завршува со убавото калифорниско зајдисонце. А и голема е веројатноста за соседи да имаш неколку славни личности.
Каков животен стил водат локалците? Имаат ли големи куќи, луксузни автомобили, завиден стил на живот? И од друга страна пак дали има екстремна сиромаштија?
Лос Анџелес е огромен град каде што може да се виде сѐ и сешто. Факт е дека сите се трудиме да го живееме или достигниме тој „калифорниски сон“ ама можам да кажам дека во глобала се води добар, убав живот. Секој на свој начин има достигнато свој луксуз, дали убава куќа, дали најнова кола, дали патувања низ светот.
Нешто што имам забележано е дека добар дел од локалците се хранат здраво т.е претежно се купува органска храна. Исто така се живее доста брз живот.
И да, постојат екстремно сиромашни делови од Лос Анџелес каде што е и опасно за живеење, како таков предел би ја издвоил областа Compton каде што не е препорачливо да се оди воопшто.

Си сретнал ли некоја холивудска ѕвезда?
Да, тука често се сретнуваат познати личности. Јас досега сум ги видел Силвестер Сталоне кој возеше еден доста обичен автомобил и Анџелина Џоли во продавница за облека која е блиску до мојата куќа.

Дали се високи цените? Какви се платите?
Лос Анџелес се вбројува во листата на 10 најскапи градови за живот во Америка заедно со Сан Франциско, Њујорк, Вашингтон, итн.
Во однос на станбеното прашање, киријата за обична мала куќа се движи од 2.500 до 4.500 долари, а додека за полуксузните, поголеми куќи од 5.000 до 7.000 долари, но од друга страна иако минималната плата е висока, односно од час изнесува 15 долари, сепак ретко кој работи само за минимална плата.
Што се однесува за цените, тие се различни и Лос Анџелес нуди многу добри ресторани и руфтоп барови каде што пивото е од 20 долари нагоре, а коктелите од 50 долари нагоре, меѓутоа има и места каде што може да се напиете пиво за 4 долари или кафе за 2 долари што за овој стандард е прилично евтино.

Најдобрата работа на живеењето во Калифорнија е…
Најдобрата работа во Калифорнија е разновидноста што ја нуди. На два часа од Лос Анџелес може да одиш на планина каде има снег и да скијаш, а од таму по два часа може да одиш на плажа на океан каде времето е убаво и да се капeш.
Друга најдобра работа е тоа што Калифорнија е економски најразвиената држава во Америка каде што преку ноќ може лесно да се збогатите т.е кој и да било бизнис тука може лесно да биде успешен. Секако и не ги исклучувам разните култури и народи коишто може да се сретнат.

Најлошата работа на живеењето во Калифорнија е…
Една од најлошите работи, конкретно во Лос Анџелес е гужвата во сообраќајот, особено во летниот период кога има и голем број на туристи, па кога треба да одите некаде макар и за 5 километри ви требаат повеќе од 20 минути.
Исто така има и голем број на луѓе (ако може да се наречат бездомници) коишто од цела Америка доаѓаат во Лос Анџелес и одлучиле да живеат независно од системот, па и на некој начин даваат лоша слика за Лос Анџелес.

Каков е ноќниот живот?
Ноќниот живот во Лос Анџелес е нешто што треба секој млад да го доживее. Има светски барови и ноќни клубови од европски, азиски, јужноамерички стил, па секој викенд може да искусите нешто ново.
Самото тоа што кажува дека е на високо ниво е и тоа што постојат и клубови каде што ви се потребни и до 1.000 долари само за влез, но ги има и тие каде што влезот е бесплатен. Ќе ги спомнам и домашните забави кои знаат да бидат егзотични, а ги организираат богатите во нивните огромни куќи и може да се каже дека се како на филмовите.
Јас имав прилика да присуствувам на таква забава во Beverly Hills и атмосферата е нешто што не се опишува.

Какви се локалците во поглед на врските и бракот?
Лос Анџелес е град со најголема стапка на разводи, па тоа би го навел и како негативно. Кога дојдов да живеам тука, лично мене на почетокот ми беше чудно тоа што и како пример ќе ги земам Латиноамериканците коишто ги има во голем број, ретко кои од нив се официјално во брак, а имаат по 2-3 деца. Едноставно функционираат во заедница. Но секако за нив е тоа сосем нормално.
За жал, бракот тука нема голема вредност.

Какви се на поле кариера? Колку трае работниот ден?
Сепак станува збор за индивидуален избор. Ги има и тие кои што се насочени кон кариера и има можности да успеат во тоа, а ги има и тие кои што се насочени кон други работи во животот.
Во секој случај едукацијата, можностите и големиот избор на работни места се тука и овозможуваат напредок. За тоа колку трае работниот ден е исто така различно – за некого трае 5 часа, за некого 8. Конкретно мојот работен ден изнесува 8 часа.
Каде одат на одмор локалците најчесто? Има ли евтини летови до егзотичните дестинации?
Со оглед на тоа што работам на аеродром постојано ги следам летовите, па знам и за каде има најмногу, а и се прилично евтини летови – Хаваи и Канкун, Мексико. Често се патува и за Мајами и секако Лас Вегас којшто е оддалечен 4 часа возење од Лос Анџелес, а само 45 минути со авион.
Според мене, најубаво место за одмор е Laguna beach во Калифорнија која изобилува со песочни плажи, палми и ресорти со поглед на Тихиот океан.
Од каде сѐ има доселеници во Калифорнија? Се наоѓа ли лесно работа?
Како што споменав претходно во Калифорнија има доселеници од цел свет и со тоа различни култури и тоа е една од работите поради која Лос Анџелес е интересен и добар за живот. Тука секој ја има слободата да ја негува сопствената култура, а воедно постојат и цели области кои претставуваат една култура, како на пример China town која се наоѓа во центарот на градот и буквално се чувствувате како да сте во Кина.
Што се однесува за доселеници од Македонија, за жал нема многу. Кога станува збор за работа – работа нема да најдеш само ако не сакаш да работиш! Големиот број на бизниси, компании нудат голем број на работни места и можност за просперитет. Земја на можности.
Калифорнија изобилува со неверојатна природа, што обожаваш најмногу таму?
Секако дека изобилува со неверојатна природа. Има голем број на национални паркови, а како едни од најпознатите ќе ги издвојам Yosemite National Park и Sequoia National Park кои воедно се и најпосетените во Калифорнија.
Како мое хоби веќе некое време е мотокрос, па кога одам на возење со другар ми често одиме во порурални, планински предели каде што возиме и по неколку часа во еден правец, а недопрената природа што ја среќаваме е прекрасна. Покрај ова исто така често одам и покрај океан особено на зајдисонце каде што со добро друштво уживам во добар коктел и погледот на Тихиот океан.

Би сакал ли да дочекаш пензија таму?
Добро прашање иако искрено не сум размислувал толку далеку во иднина, сепак не знаеме животот кај ќе не однесе. Знам дека Калифорнија е одлична држава за лица во пензија бидејќи им нуди многу бенефиции. Кој знае, можеби ќе останам тука, можеби на крај и ќе се вратам во Македонија бидејќи каде и да одиш, како дома никаде нема./Crnobrlo
