Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничката на СДСМ која беше позитивна на Ковид-19 но дојде да гласа во Собранието во неделата, во својата последна изјава вели дека не прекршила ниту еден протокол и дека била придружувана од лекар и медицинска сестра кога пристигнала со амбулантното возило пред законодавниот дом.




„Се движев по протокол кој беше дополнет во ноември минатата година, за да може да можат да гласаат Ковид-позитивни пратеници како мене, кои се асимптоматски и не се на болничко лекување. Апсолутно е неточно дека сум прекршила здравствен протокол. Поголемо и побезобразно прекршување е она на Наум Стоилковски кој потроши заштитна опрема залудно да се прошета во полициски час, или на ВМРО- ДПМНЕ во Битола кога шетаа со скафандери по Широк Сокак.




Јас бев придружувана од лекар и сестра, во Собранието се движев по посебна патека и гласав во кабина над пленарната сала. Да потсетам, и Арбен Зибери гласаше по истите протоколи и од истото место за избор на Владата! Апсолутно никој не беше изложен на никаква опасност!“, тврди пратеничката на СДСМ денеска за Дојче Веле.




Таа вчера учествуваше во работата на парламентот без скафандер, откако истекол рокот за нејзина изолација заради лесна асимптоматска форма на Ковид -19. Дел од пратениците со кои вчера се разминала и ги поздравила, не и одговориле на поздравот, а тврди и дека изминатите денови се соочила со голем број на закани, но и на пофалби и благодарност откако нејзиното присуство направи кворум за да се изгласаат законите за петтиот пакет на економска помош за компаниите, односно работниците.




„Говорот на омраза после моето доаѓање да гласам е огромен. Заканите по живот се безбројни. За среќа, благодарноста од граѓаните кои чекале месеци на помошта е исто така голема“, вели професорката по вокација.
