Слободанка Каранфиловска е самохрана мајка. Помош немала од никој. Долги години живееле во социјален стан без тоалет и бања. Живееле со минималната пензија што таа ја зела. Но, додека биле заедно со синот, имала сè. Но, и Спасе немал среќа во животот, зашто каде и да тропнел за работа, вратите му биле затворани.

Само трската, рибата, сонцето, и реката биле местото, каде можел да биде смирен, среќен и горд што е роден под ова небо. Еден ден стресовите и грижите ќе му накалемат сериозна болест и тој умира пред очите на својата мајка. Денес, Слободанка сама и осамена сè уште ја мириса облеката на чедото. Ги разгледува сликите. Ја чува трската и опремата за на риба. Само така е поблиску до Спасе. Сирота нема пари ниту споменик да му направи.

Слободанка потекнува од Велешкото село, Грнчиште. Млада се мажи во Демир Капија и го раѓа единственото чедо-Спасе. Но, како жртва на семејно насилство, го напушта сопругот, и бидејќи добива социјален стан се сели со детето во Градско. Спасе не успеал да се снајде и вработи за да го олесни нивниот живот. Се разболува од сериозна болест. Слободанка, и денес живее таму, во тешки услови, со минимална пензија, сама и без никој свој.

– Млада одлучив дека сама ќе го гледам синот, зашто насилството од сопругот кој пиеше, не се трпеше. Еден роднина ми помогна да земам социјален стан во Градско, и така започна мојата нова животна приказна. Но, кој да знае дека во црнила ќе се развива истата. Никогаш не се премажив само заради синот, да не му го нарушам мирот.

Бог некогаш најтешките битки ги чува за најхрабрите. Спасе храбро се борел во војна и се вратил здрав и жив од таму, но, не успеал да ја извојува најсериозната битка-битката со животот. Ниеден родител не треба да надживее дете.

Оваа тажна мајка ќе рече веќе нема волја за живот.

Цела ноќ не спијам. Се си мислам Спасе ми тропа, ќе дојде, ќе се врати. За Прочка бев да му запалам свеќа. Му реков мама се ти простува, но, и го замолив да ми прости што нема да можам да го преболам додека не се споиме повторно заедно на оној свет-завршува тетка Слободанка.

Сите што сакате да и помогнете на Слободанка, тоа можете да го направите на телефонскиот број 076/ 879 946 или на следната жиро-сметка 300277113777632

Автор

Оливера Петрушевска

Целата приказна можете да ја прочитате на следниот линк Приказна.мк