




Мачниот живот на Ристо Илиев: Месо не сум пробал со децении




Ристо и Анка Илиеви од Радовишкото село Подареш се луѓе чии животи како да запреле векови наназад.
Ристо е напатен човек кој од својата дванаесет година се мачел за да преживее под сонцето. Работел тешка физичка работа. Се жени еднаш. Имал неуспешен брак. Со 10 прсти камен по камен гради скромна куќарка која ќе биде дом за неговите три деца и втората сопруга Анка, со која е заедно веќе 30 години. Нивниот живот не бил како во бајка. Скромно, со сув леб, кромид, брашно и маст, минуваат заедно неколку децении.




– Една година ве чекав за да дојдете. Ова е најзагрозено семејство во селото. Сите знаат за нивниот случај. Жената сирота психофизички не е здрава, а дедо Ристо го знам уште од дете. Многу е измачен. Сега не гледа и не може ни да излезе да работи, може да го згази некоја кола. Има три деца, едното му е во Негорци, а ќерките не доаѓаат со години. Препуштени се сами на себе.




Одат во црква ако се собере некој денар, им даваат колку да купат леб. Некои соседи ќе направат нешто храна и им носат. Еве гледате како живеат. Зарем ова е живот?! – запрашува сосетката Данка Васева која го пријави ова семејство во „Срце на дланка“.




Најболна точка во животот на ова семејство е здравствената состојба на нивниот 30 годишен син. Тој можеби не бил свесен, но, неколку пати велат тие биле нападнати од него, па затоа денес тој наместо да се грижи за нив, сместен е во Негорци.




– Син ми порано беше болен од епилепсија. Подоцна стана агресивен. Често знаел да не нападне. Еден ден ни побара да јаде. Му кажав дека ќе му спржам јајца и салама, имаше и салата. Тој стана ја истури салатата, го зема тавчето и ја удри мајка му по глава. Жена ми почна да плаче, да писка. Се собраа и соседите. Морав да го пријавам во полиција и оттогаш е под надзор во посебна институција во Негорци. Жал ми е, дете ми е, ама сам си го направи ова. За жал немам пари, ниту еднаш да отидам да го посетам-додава дедо Ристо.




– Земаме само 6.000 денари пари од социјалното. Но, тоа е премалку за да може да се прехраниме. Ќе купам едно шише зејтин, ќе го помешам со малку маст и така го поминуваме месецот. Еден ден ќе спржам јајца. Некогаш правам грав, макарони, супа, пиперки … Месо не сме јаделе со децении. Немаме пари за да си дозволиме такво нешто. Пред извесно време немавме никаков приход. Тогаш ни беше најтешко-вели дедо Ристо.




Доколку сакате да помогнете на семејството на дедо Ристо тоа можете да го направите на следниот телефон 077/670171 или на следната жиро-сметка 5355823107626041




Целата сторија можете да ја прочитате на следниот линк Приказна.мк
