Граѓаните велат дека не сите можат да си дозволат да го загреваат целиот дом во зима. Повеќето загреваат само една соба, со цел да заштедат. Но, ваквиот тип на штедење си влијае на квалитетот на живот. Експертите претходно говореа на темата дека дел од граѓаните загреваат само една соба.

Независно дали се греат на дрва или струја, луѓето се трудат да заштедат. Бројките од претходните години покажуваат дека македонските домаќинства трошат од 3 до 10 кубици дрва за огрев.

„Имаме површина од 90 квадрати, но загреваме една соба, а се грееме на дрва“, вели граѓанин.

Пензионер исто вели дека загреваат само една просторија.

„Ние со сопругата сме двајца, загреваме само една соба. Живееме во стан од 50 квадрати и толку можеме да си дозволиме“, додава Иво П. пензионер.

Но, оние кои се подобро ситуирани, велат дека загревањето за нив не е проблем.

„Јас загревам цел кат од куќата. Се грееме со пелети. Кој како си може, сите луѓе не можат да си дозволат да загреваат цела куќа“, рече Зденка Р. граѓанка.

Во екот на енергетската криза, граѓаните се фокусираа да се греат на дрва. Познавачите велат дека ако граѓаните сакаат да бидат комотни, односно да ја загреат целата куќа, тогаш во зима можат да потрошат 12 или 13 метри кубни огревно дрво.

„Пензионерите не можат да штедат според мене, тие си палат оган, цел ден се дома, а помладите кои се вклучени во работен процес, тие одат на работа и домот го загреваат само попладне, неколку часа. Поретко се случува некој да сака да ја загрее целата куќа, ако има можности, а за тоа ќе потроши над 10 кубици дрва во сезоната“, додава шумарски инженер.

Неможноста за обезбедување на соодветно греење во домот и немањето пристап до други основни енергетски услуги по разумна цена, проблемот на покривање на потреби како топла вода, осветлување, греење, ладење, подготовка на храна или недостиг од средства за покривање на трошоците за енергетски услуги, се проблеми со кои се дефинира енергетската сиромаштија. Тоа значи дека домаќинствата живеат со просечната дневна температура во домот пониска од биолошката граница од 21 степен, неопходна за удобност и здравје. Според статистиките објавени претходните години, 76 проценти од домаќинствата се греат на огревно дрво и загреваат најмногу од 16 до 20 метри квадратни од станбениот простор./Фактор