Тургенев се афирмираше во книжевноста пред сè како романописец, иако пишуваше и драми, бројни збирки раскази и песни. Беше и политички активен, што многумина му го замеруваа.


Иван Тургењев е роден во богато земјопоседничко семејство во 1818 година. Првите девет години од животот ги поминал на имотот на неговата мајка, Спаскоје-Лутовиново, во Орловската губернија. Богатите родители му овозможиле високо образование – најпрво се школувал дома, а подоцна во интернат во Москва.

Студирањето го започнал во 1833 година на Московскиот универзитет, на отсекот за филологија, а потоа продолжил во Санкт Петербург (1834–1837) и Берлин (1838–1841). По враќањето во Русија во 1841 година, се вработил како чиновник во Министерството за надворешни работи во Санкт Петербург. По две години ја напуштил државната служба за целосно да се посвети на книжевноста.


Тургењев го одбегнуваше политичкиот радикализам кој подеднакво го покажуваа и критичарите и поддржувачите на царскиот режим, но беше разочаран од репресивната внатрешна политика на цар Николај I. Активно се спротивставуваше на кметството, што и го докажа кога во 1850 година го наследи семејниот имот – тогаш ги ослободи сите кметови. По официјалното укинување на кметството во 1861 година, им помогна во еманципацијата и во подобрување на нивната економска положба.

Властите не гледаа со симпатии на неговите отворено изнесени ставови. Беше уапсен во мај 1852 година и две години помина во притвор на семејниот имот. Причината беше текстот посветен на починатиот Гогољ, со кој ја заобиколил официјалната цензура. Неговата одбивност кон политичките прилики во Русија беше една од главните причини зошто долги години живееше во странство. Во 1861 година конечно емигрира – најпрво во Баден-Баден (до 1870), а потоа во Париз, каде што остана до смртта. Во Русија се враќаше само повремено и по исклучителни прилики.


Љубовниот живот

Писателот имал љубовна врска со Авдотија Јермолаева, која работела како шивачка на имотот Спаскоје. Од таа врска ја добил вонбрачната ќерка Пелагија. Во тоа време, ваквото мајчинство било големо оптоварување за една девојка, па затоа Тургењев ја сместил ќерката во пансион во Париз.

Во есента 1843 година, во Петербург гостувала Италијанската опера. Меѓу нејзините членови била и пејачката со шпанско потекло Полина Гарсија Виардо. Писателот ја запознал и се вљубил во неа толку силно, што по завршувањето на гостувањето ја напуштил државната служба и отпатувал во странство заедно со примадоната, со која живеел до нејзината смрт.