Две години откако ја започна хуманитарната иницијатива за лекувањето на младиот Леонид Индов, Миа Костова конечно го запозна во живо момчето за кое се избори кога му беше најпотребно.
Во само 48 часа, благодарение на нејзиниот повик за помош и поддршката од голем број компании и граѓани, беа обезбедени 450.000 денари за третманот на Леонид по несреќата што ја доживеа во Грција. Тогаш, целата држава застана зад едно дете.
Денес, нивната средба во Скопје беше исполнета со искрени емоции – долгата прегратка и насмевките зборуваа повеќе од што и да се каже на глас.
На Миа ѝ беше врачена симболична статуетка: две раце што држат срце, како знак на благодарност за човечноста и посветеноста што ги покажа. Таа ја сподели фотографијата од срдечната средба и напиша:
„Толку емотивен момент… Лео има енергија што лечи. Ви пренесува поздрав до сите што бевте дел од оваа приказна и помогнавте кога беше најтешко. Лео Индов, те сакам.“
Средбата меѓу Миа и Лео уште еднаш потврди дека добрината може да направи чуда – а најголемото чудо е кога срцето ќе допре друго срце.
