Државниот пазарен инспекторат започна засилени и вонредни инспекциски надзори кај трговците низ целата држава по повод попустите и акциите за „Black Friday“. Целта е да се обезбеди фер трговија, заштита на потрошувачите и строго почитување на законските обврски од страна на сите учесници на пазарот.

Од Инспекторатот потенцираат дека ќе се контролира вистинитоста на истакнатите попусти, регуларноста на цените, јасното означување на производите, како и евентуални обиди за манипулација со „лажни“ акции.

„Наш приоритет е заштита на граѓаните и обезбедување фер услови на пазарот,“ порача Инспекторатот, додавајќи апел до трговците да ги почитуваат правилата, а до граѓаните – да пријават секоја неправилност.

Граѓаните можат да пријават сомнителни пракси на бројот 191 или преку официјалната веб-страница www.dpi.gov.mk.

Од таму велат дека ќе продолжат со одговорна и посветена работа, „во интерес на сите потрошувачи“, особено во периоди кога промотивните акции се најмасовни и најатрактивни.