По неколкудневно молчење околу случајот со масовното труење на ученици, премиерот Христијан Мицкоски конечно се огласи со лична изјава во која првпат откри детали за состојбата на неговиот син Антони.
Според премиерот, Антони бил меѓу децата кои почувствувале симптоми по заедничкиот оброк во текот на наставниот ден. Мицкоски истакна дека објавите дека неговиот син бил во тешка состојба се неточни и дека не бил хоспитализиран, туку имал слични реакции како и останатите ученици.
„Три дена беше на инфузии и не одеше на настава. Не беше ништо поразлично од другите деца кои се соочија со истата ситуација,“ рече Мицкоски, додавајќи дека Антони е динамично и живо момче кое постојано сака да биде во движење и дружба.
Премиерот претпоставува дека учениците веројатно консумирале иста храна за време на паузата, бидејќи биле заедно на целодневната настава. Тој истакна дека институциите веќе работат на случајот и дека очекува од нив да утврдат дали причината е храна или нешто друго.
„Важно е што денеска е подобро. Се надевам дека од понеделник ќе се врати на наставата заедно со неговите другарчиња,“ заврши Мицкоски.
