Православната црква и нејзините верници денес го одбележуваат споменот на Светиот маченик Платон.
Роден бил во Анкира Галатиска и уште од детството бил воспитан во христијанска вера. Платон не ја криел својата вера во Христос, туку јавно ја проповедал. Поради тоа бил изведен пред судот на управникот Агрипин, каде што бил подложен на мачење.
Кога управникот го советувал да се одрече од Христос за да го спаси животот, Платон одговорил дека постојат две смрти – една краткотрајна и една бесконечна. Агрипин тогаш го изложил на најтешки маки: му ставал врели железни топки на телото и му сечел ремени од кожата. На сите тие маки Платон рекол: „Мачи ме уште пострашно, за јасно да се види твојата суровост и моето трпение“.
Кога мачителот го споредил со незнабожечкиот филозоф Платон, светиот маченик одговорил: „Не сум јас како него, ниту тој како мене, освен по името. Јас се учам на мудроста Христова, а тој е учител на мудрост која е безумие пред Бога“.
Потоа го затвориле во темница, каде што поминал 18 дена без храна и вода. Кога се увериле дека може да преживее и без храна, тој им рекол: „Вие се храните со месо, а јас со свети молитви; вас ве весели виното, а мене Христос, вистинската лоза“.
Бидејќи не можел да го поколеба, Агрипин го осудил на смрт со меч. Свети Платон бил посечен околу 266 година и го примил венецот на вечната слава.
Според народните обичаи, на овој ден се верува дека треба да се работи на нива, а жените да ги извршуваат домашните работи. Кој нема да го испочитува обичајот, според преданието, го навлекува гневот на светецот.
