Музичката ѕвезда Јелена Карлеуша проговори по викендот исполнет со драми на естрадата – од задржувања на аеродром до приведувања поради проблеми со работни дозволи. Меѓу задржаните беа Барбара Бобак, Слоба Радановиќ и Џејла Рамовиќ.
Карлеуша изрази жалење за тоа што го доживеале колешките, но уште погласно ги критикуваше организаторите и самите пејачи кои, според неа, дозволуваат да се најдат во вакви ситуации.
— Многу ми е жал, особено за Џејла, ми е симпатична и навистина жалам што поминала низ тоа. Но, да бидам брутално искрена – секогаш сум на страната на колегите, но апелирам до сите што организираат концерти: не смееме да дозволиме пејачите да паѓаат во вакви ситуации. Нашата работа мора да се подигне на повисоко ниво. Ние не сме „пејачки што работат на црно“ – ние сме ѕвезди.
— За себе знам дека сум голема ѕвезда и затоа никогаш не ми се случило вакво нешто – затоа што не мрдам од дома додека не ми бидат обезбедени и покажани сите документи и дозволи. Тоа е почит кон мене и кон мојата публика.
Таа дополнително го истакна проблемот на долгогодишното нелегално работење:
— Децении наназад пејачите по регионот и Европа настапуваат нелегално, не плаќаат данок, и потоа доживуваат шок кога ќе се случи ваква ситуација. Ќе бидам на нивна страна секогаш, но организаторите кои не ги почитуваат уметниците и ги третираат како „работна стока“ мора да го сменат односот. Тоа ќе се промени само кога сите ќе застанат заедно со мене, бидејќи јас тоа одамна го барам.
