Православна црква денес го одбележува празникот посветен на Свети Симеон Богопримец и Света Ана Пророчица — личности кои во христијанското предание имаат важно место како сведоци на доаѓањето на Месијата. Овој ден во народната традиција се смета за особено значаен за децата и семејството.
Кој бил Симеон Богопримец
Според преданието, Симеон Праведни целиот свој живот го поминал чекајќи го раѓањето на Исус Христос, спасителот на човештвото. Тој совесно работел на превод на светите списи. Кога дошол до пророштвото на пророкот Исаија дека девица ќе роди син, се посомневал и сакал да го измени зборот „девица“. Во тој момент, според преданието, му се јавил ангел и му потврдил дека пророштвото е вистинито, велејќи му дека нема да умре додека не го види Месијата.
Симеон го прифатил тоа со благодарност и го оставил текстот непроменет.
Средбата во храмот
Кога Дева Марија го донела Младенецот Исус во ерусалимскиот храм, Симеон, веќе во длабока старост, бил повикан од Божјиот дух да дојде таму. Го препознал детето и го зел во своите раце, изговарајќи зборови на благодарност и мир. Притоа прорекол дека детето ќе има голема улога во спасението на народот.
Според легендата, Симеон доживеал длабока старост — дури 360 години.
Улогата на пророчицата Ана
Во храмот била присутна и Света Ана Пророчица, ќерка Фануилова, вдовица на 84 години, која со молитва и пост му служела на Бога. Таа исто така го препознала Христос и им објавила на луѓето во Ерусалим дека дошол долгоочекуваниот Месија.
Верување и обичаи
Симеон Богопримец се смета за заштитник на децата. Верниците на овој ден се молат за здравје, мир и благослов на најмладите членови на семејството.
Молитва за мало дете
О Господи силен, помилуј и спаси,
и пламенчето ова не го изгаси.
Детето е како свеќа што гори,
а светските бури силно го мори.
Под Твоја рака душата засолни,
кога ќе надојдат води и болки.
Смилувај се, Господи, спаси и закрили,
со молитвите на Симеон — Твојот верен служител.
