Велигденскиот пост затоа не е само промена на менито, туку време на смиреност, тишина и преиспитување.

Велигденскиот пост годинава започнува во понеделник, 23 февруари, и претставува најдолг и најстрог пост во православната традиција. Овој период на духовна подготовка трае 48 дена – шест недели од Чесниот пост и Страсната седмица – и завршува со прославата на Велигден, најголемиот христијански празник.

Во црковниот календар Велигденскиот пост се нарекува и Голем пост. Неговата суштина не е само воздржување од одредена храна, туку пред сè духовно очистување преку молитва, покајание, простување и добри дела.

Верниците во текот на овој период се трудат да ги смират мислите, да ги избегнуваат лошите навики, расправиите и лошите зборови, за достоинствено да го дочекаат празникот Христовото воскресение.

Храна за пост

Постот подразбира воздржување од мрсна храна – месо, млечни производи и јајца. Најстроги денови се среда и петок, а во одредени седмици се пости „на вода“, без употреба на масло. Риба е дозволена само на големи празници што паѓаат во текот на постот, како што се Благовештение и Цветници. Сепак, црквата нагласува дека духовната димензија на постот е поважна од самата исхрана.

Првиот ден од постот се нарекува Чист понеделник. Во пресрет на него, на вечерната богослужба, верниците меѓусебно бараат прошка, за во постот да влезат без товар од навреди и нарушени односи. Тој чин симболизира нов почеток и потсетува дека постот не е само лична дисциплина, туку и обновување на заедништвото.

Последната недела пред почетокот на постот е позната како Сирна или Бела недела. Во народната традиција тогаш се подготвуваат јадења од млеко и сирење, а семејствата се собираат на трпеза пред влегувањето во построгиот режим на воздржување.

Во многу краеви се зачувани и обичаите на маскирани поворки, песни и дарувања, што сведочи за богатата народна традиција поврзана со овој период.

Во текот на Големиот пост во храмовите се служат посебни богослужби, меѓу кои и Литургијата на предосветените дарови, карактеристична за посните денови. Верниците почесто пристапуваат кон исповед и причест, бидејќи целта на постот е внатрешна промена и приближување кон Бога.

Велигденскиот пост затоа не е само промена на менито, туку време на смиреност, тишина и преиспитување. Тој потсетува дека вистинската подготовка за празникот не е во надворешните обичаи, туку во обновата на духот, верата и меѓусебното разбирање.