Неговиот живот учи дека ништо не е невозможно и дека, со помош и благослов од Христос, секој сон е достижен и остварлив.
Православната црква и верниците на 28 февруари го одбележуваат празникот посветен на Светиот апостол Онисим.
Светиот апостол Онисим е заштитник на сите луѓе кои, без разлика на своето потекло, со вреден и посветен труд постигнуваат резултати.
Според христијанското предание, покрај дванаесетте големи апостоли кои го познавале Исус и биле негови први ученици, Бог избрал уште седумдесет апостоли кои ќе го проповедаат Евангелието и ќе го шират христијанството. Еден од тие „мали апостоли“ бил и Свети Онисим.
Преданието раскажува дека Онисим бил роб на угледен и богат човек во Фригија, пред да побегне во Рим. Таму, слушајќи го Евангелието од апостол Павле, посакал да стане христијанин. Се крстил, а подоцна и неговиот господар ја прифатил христијанската вера. Тие се помириле и станале блиски како браќа.
Во нивното помирување голема улога имал апостол Павле, кој му напишал писмо на господарот на Онисим. Тоа писмо и денес се смета за едно од најтрогателните во Светото Писмо:
„Те молам за моето чедо Онисим, кого го родив во оковите мои… Зашто можеби затоа се раздели од тебе за кратко време, за да го добиеш засекогаш – не веќе како роб, туку повеќе од роб, како љубен брат.“
Подоцна Свети Онисим станал епископ и долго и праведно ја водел христијанската заедница. Во времето на прогоните за време на цар Трајан, бил уапсен и одведен во Рим, каде што, откако одбил да се откаже од Христос, бил убиен. Според преданието, неговото тело го зела една богата жена и го погребала во сребрен ковчег во 109 година.
Имате сон или желба? Одете денес во црква и помолете му се на овој светител. Неговиот живот потсетува дека, со вера и благослов, ништо не е невозможно.
