Бракот се склучува од многу причини и понекогаш од корист, но дека некој се мажи со намера да собере финансиска помош кога сопругот ќе загине во војна, тоа е нешто ново и крајно морбидно.

Тешките времиња секогаш носат и луѓе кои заработуваат на човечката беда, а така се издвоиле и одредени жени кои заработуваат кога руски војници умираат во Украина. Преживеани жртви и извршители на овие криминални дела излегле во јавност со своите приказни, а еве зошто се одлучиле на ваква сурова измама.

Во јануари 2023 година е донесен закон според кој семејствата на загинатите руски војници добиваат голема парична помош за да можат да продолжат со нормален живот. Износите варираат, а се споменуваат суми од 3, 5, 8 и 13 милиони рубљи, односно од 35 до 150 илјади евра. За посиромашните жители тоа е значителна сума доволна за започнување нов живот.

Жртви на овие „вдовици“ се воено способни мажи за кои се знае дека наскоро ќе одат во војска или се убедуваат да се пријават. По брз брак, мажите заминуваат, а овие жени чекаат кога ќе можат да ја наплатат помошта наменета за семејствата на загинатите.

Жртви на брзи профитерски бракови

Кога постои можност за брза заработка, се појавува интерес, а во овој случај и криминални групи.

Една од учесничките во оваа шема изјавила дека „само мислела на својата иднина“. Жртвата ја запознала во август, а во септември веќе биле венчани. За среќа или несреќа, нејзиниот сопруг се вратил од војната и ѝ ги расипал плановите.

Од друга страна, кога рускиот војник Сергеј Хандожко се оженил еден ден по пријавувањето во војска во октомври 2023 година, неговото семејство било збунето. Четириесетгодишникот никогаш не спомнал невеста, ниту пак зборувал за бракот.

Уште почудна била 20-минутната церемонија без фотографии, без размена на прстени и со само еден гостин. Потоа, неговата нова сопруга продолжила да живее со поранешниот сопруг и нивните деца, пренесува Волстрит журнал.

Систем и судски случаи

Најголем број од овие бракови се склучуваат непосредно пред заминување во војска – понекогаш само неколку часа, па дури и 20 минути претходно.

Руски судови бележат зголемување на случаи каде роднини на загинати војници тужат за поништување на бракови, за да спречат „вдовицата“ да ја добие исплатата наместо семејството.

Законодавци предложиле и казни до 10 години затвор за лажни бракови, како и ограничување на бенефициите само за сопружници кои биле во брак најмалку една година пред испраќање во војска.