Жителите на Општина Центар отсега ќе плаќаат 500 денари месечно доколку сакаат да паркираат надвор од зоната во која живеат. Ова е предвидено со новиот ценовник на ЈП „Паркинзи Општина Центар“, усвоен на последната седница на Советот.
Досега, жителите на Центар можеа бесплатно да се паркираат на сите паркинзи со кои управува претпријатието, без разлика во која зона живеат. Со новите правила, жителите на Капиштец, на пример, повеќе нема бесплатно да можат да паркираат во Дебар Маало и обратно. За користење паркинг низ целата општина ќе треба да плаќаат дополнителни 500 денари месечно.
Поскапување има и за станарските дозволи. Цената за второ возило се зголемува од 250 на 500 денари месечно, додека за трето возило од 1.200 на 1.500 денари.
Граѓанската група „За пристоен Капиштец“ реагира дека новиот ценовник бил донесен без јавни консултации и без претходна најава.
„Семејство со две возила регистрирани на иста адреса ќе плаќа 500 денари месечно, односно 6.000 денари годишно, само за да паркира пред својот дом. За три возила сумата достигнува 24.000 денари годишно. Ако некој паркира и надвор од својот сектор, тоа значи дополнителни 500 денари месечно по возило“, велат од групата.
Покрај станарските дозволи, поскапуваат и комерцијалните паркинг услуги. Дневните карти во зоните 1 и 2 се зголемуваат од 300 на 400 денари, додека припејд дневните карти ќе чинат до 1.000 денари.
Месечната бизнис-карта за правни субјекти поскапува од 2.000 на 2.500 денари, а за вработените во фирми лоцирани во зоните на ПОЦ, цената расте од 2.000 на 3.000 денари месечно.
Поскапува и пајак-службата – за подигнување непрописно паркирано возило, наместо досегашните 3.500, граѓаните ќе плаќаат 4.000 денари.
