Сандра и нејзиниот сопруг со четирите деца ги напуштиле градскиот метеж и луксузната вила во која живееле и се преселиле во шума. Денес сите спијат на под, а откриле и кој бил пресудниот момент кога ја донеле одлуката за преселба.

  • Сандра и Хозе со своите четири деца го напуштиле градскиот живот во Џирона и се преселиле во шума, во куќа без струја, вода и интернет.
  • Пресвртниот момент бил тридневниот престој во планина, кога сфатиле дека материјалната сигурност не им носи ниту среќа ниту животна цел.

Живееле во луксуз, воделе успешен бизнис и имале повеќе пари отколку што им биле потребни, а потоа донеле одлука што ги шокирала сите. Сандра и Хозе го напуштиле градскиот метеж, ги спакувале работите на своите четири деца и се преселиле во оддалечена шума, каде што морале да научат како да живеат без струја и вода.

Денес нивните деца имаат само по еден пар обувки за секоја сезона, спијат на душеци поставени на подот, а нивниот нов начин на живот привлече огромно внимание на социјалните мрежи.

Брачниот пар од Шпанија го имал сето она што повеќето луѓе го сметаат за идеал на успехот.

Живееле во Џирона, во пространа, модерно уредена куќа, имале сопствена фирма и уживале во целосна финансиска сигурност. Однадвор изгледало дека водат совршен живот без никакви проблеми, но зад затворени врати чувствувале голема празнина.

„Во нашиот живот немаше вистинска цел“

Во разговор објавен на Јутјуб, Сандра искрено признала што ги навело на овој радикален чекор.

„Во нашиот живот немаше животна цел“, истакнала Сандра, нагласувајќи дека материјалната сигурност и удобностите на современиот живот не ги правеле среќни.

Сè почесто имале чувство дека живеат според правила што никогаш самите не ги избрале. Пресвртниот момент се случил сосема неочекувано, за време на тридневен излет во планина.

Хозе го опишал тој краток престој во природата како вистинска „оаза“, која им овозможила да се оддалечат од секојдневните обврски и да ја согледаат реалноста од сосема поинаков агол.

„Сфативме дека всушност не ни требаат толку многу работи“, се присетил Хозе на моментот кога сфатиле дека дотогашниот живот повеќе нема смисла.

Сандра уште тогаш, на шега, но и со сериозна намера, зборувала:

„Ќе оставам сè и ќе заминам во планина за да произведувам тофу“.

Иако на крајот не започнала да произведува тофу, двајцата ја донеле конечната одлука – да го напуштат градот и да заминат во дивината.

Куќата ја пронашле преку сателитски снимки: Немало ниту струја, ниту вода, ниту интернет

Првиот чекор бил пронаоѓање стар семеен имот во покраината Хаен, за кој речиси ништо не знаеле.

„Ја пронајдовме преку Google Maps и така успеавме да видиме дека таму воопшто постои куќа“, раскажал Хозе.

Кога пристигнале на локацијата, ги дочекало непријатно изненадување. Затекнале скромен селски имот со мала куќа од само 40 квадратни метри, која била заклучена и напуштена цели девет години.

Објектот немал ниту основни услови за живот – немало електрична енергија, проточна вода ниту интернет-врска.

Привикнувањето на таквата реалност било исклучително тешко. Морале во од да учат како да ги решаваат проблемите со кои во градот никогаш не се соочиле.

„Ние не баравме самостојност и целосна независност, туку таа самата нè пронајде“, порачал Хозе, опишувајќи го нивното приспособување на новото секојдневие.

„Децата имаат само по еден пар обувки за секоја сезона“

Животот во природа целосно им го променил погледот кон материјалните вредности и потрошувачките навики. Додека во градот не морале да размислуваат за трошоците, денес внимателно го планираат секој расход и купуваат исклучиво работи без кои не можат.

„Нашите деца немаат по три пара обувки, туку по еден пар за секоја сезона. Поважна е исхраната, а подобро е да имате малку обувки, но тие да бидат квалитетни“, нагласува Сандра.

Наместо трупање облека и предмети, семејството се води од принципот на практичност и квалитет, максимално користејќи го она што веќе го поседува.

Парадоксот на современите пустиници: Заработуваат со помош на вештачка интелигенција

Иако се откажале од градскиот луксуз, не се откажале целосно од технологијата. Токму дигиталниот свет им овозможува да живеат длабоко во природата, а сепак да заработуваат.

Хозе е програмер кој по преселбата го намалил обемот на работа, започнал да работи самостојно и вовел вештачка интелигенција за автоматизирање на одредени задачи.

„Успеавме да создадеме систем преку кој со мобилниот телефон управуваме со компјутерите“, објаснил Хозе.

И Сандра работи самостојно на сопствени проекти. И самите признаваат дека во нивниот начин на живот постои очигледна противречност – сакаат што помалку да зависат од потрошувачкото општество, а егзистенцијата ја обезбедуваат преку современи дигитални алатки.

Сепак, технологијата ја гледаат исклучиво како средство што им овозможува слобода и можност да го споделат своето искуство со другите.

Спијат на под и го исклучуваат интернетот пред спиење

Денес ова шестчлено семејство живее во селска куќа од 80 квадратни метри, со дрвени греди и подови.

Во нивниот дом нема класични кревети – сите спијат на под, на душеци од природен футон, за кои Сандра тврди дека овозможуваат значително поквалитетен одмор.

Ја промениле и вечерната рутина. Во куќата користат црвено осветлување за да не го нарушуваат природниот ритам на спиење. Пред да си легнат, задолжително ја исклучуваат Wi-Fi мрежата, со цел да ја намалат изложеноста на електромагнетно зрачење.

Иако зад себе ги оставиле луксузната вила, успешната фирма и сигурноста, Сандра и Хозе велат дека во шумата го пронашле мирот и смислата што со години им недостигале во градот.